Проширувањето е наша заедничка цел, а иднината на Македонија цврсто припаѓа во Европската Унија, порача попладнево претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта на заедничката прес-конференција во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.

Вашата Влада покажа посветеност и сакам да ги пофалам континуираните напори што ги вложувате. Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето. Исто така го поздравувам вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, рече Кошта.

Тоа, како што нагласи, испраќа силен сигнал за стратешката ориентација на Македонија и за заедничките вредности што ги споделуваме.

Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во ЕУ за граѓаните на Македонија, тоа значи Македонците. Единствен начин да се постигне напредок кон европската интеграција е преку конструктивен дијалог со соседите и преземање прагматични чекори за градење доверба и спроведување на неопходните реформи, изјави Кошта.