Бидејќи е надминат прагот на алармирање за загаденоста на воздухот на дел од мерните станици во Скопје, Битола, Тетово и Струмица, од Владата информираат дека стапуваат на сила мерките и препораките против аерозагадувањето.
Во Градот Скопје, соопштија од ЈСП, од 12 часот денеска користењето на јавниот превоз е бесплатно. Одлуката ќе важи се до моментот на намалување на загадувањето, за што дополнително ќе известат од ЈСП.
Енормната загаденост веќе трет ден ги поминува границите на нормалата.
Вчера Министерството за животна средина ги активираше мерките против загадувањето, кои важат Битола, Тетово и Струмица.
Со мерките на Владата се предвидува сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и акционерските друштва во државна сопственост и општините да ја намалат до 50 отсто употребата на службените возила. Се препорачува работодавачите да ги ослободат од работа бремените жени, лицата постари од 60 години и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Сите правни субјекти да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11 до 17 часот, како и да препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.
Министертвото за здравство треба да обезбеди услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба, и да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува информација до Институтот за јавно здравје за број на повици, според дијагноза, пол, возраст, место на живеење и општина, за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа сè до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.
Државниот инспекторат за животна средина треба да почне со контроли на индустриските објекти со А интегрирана дозвола, со контролни мерења на емисиите на загадувачките материи во акредитирана лабораторија, за да се утврди дали се применуваат пропишаните услови по однос на емисиите во воздух.
Министерството за животна средина и просторно планирање треба да им препорача на капацитетите со А интегрирана дозвола да го намалат производството за 50 отсто, а ова не се однесува на капацитетите што произведуваат топлинска и електрична енергија.
Comments are closed for this post.