Капитенот на Македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров не е разочаран од поразот од Русија и прикажаното во досегашниот дел од Мундијалот.
Тој изјави дека не е срамота да се загуби од Русија бидејќи се квалитетни а дека во нашиот тим се повториле работите од претходните натпревари, додавајќи дека, секогаш противничкиот голман е играч на натпреварот.
„Промашивме многу шанси. Треба да имаме посебно тренинг за „зицери”. Загрижува неефикасноста. Сепак, Русите се квалитетни. Не е срамота да се изгуби од нив. Дадовме максимум. Има позитивни има и негативни работи во нашето издание. Полека заличуваме на вистинска репрезентација. Ни фалат два –три поискусни играчи. Треба да сме паметни и да научиме од грешките“, изјави Лазаров.
Најдобриот македонски ракометар најави максимално залагање и на утрешниот меч, последен на првенството.
„Ќе дадеме максимум утре, ќе пробаме да победиме. Потоа следува анализа, да се лоцираат грешките и да одиме напред. Не смееме да им го одземе задоволството на навивачите и да ги оставиме без наше учество на следните големи натпреварувања“, потенцира Лазаров.
Кире Лазаров денеска против Русија постигна осум погодоци по што и натаму е меѓу водечките на листата на стрелците на СП.
Comments are closed for this post.