Европа влегува во политички бури, а што ли ќе се случува во текот на кампањата за европските избори во мај може само да се претпоставува, но јасно е дека времето на „мирно лето“ е некаде зад нас.
Вечерва во британскиот парламент се гласа за доверба на премиерката Тереза Меј, откако таа не успеа да постигне согласност со европските лидери за Брегзитот, по што излегувањето на Обединетото Кралство од Унијата влегува во „болен развод“ или во хаотична ситуација.
Сите сценарија се можни за Лондон, дури се најавува и нов референдум за Брегзитот, но како најизгледно во моментов е прашањето – кој утре сабајле ќе биде премиер на Велика Британија? Гласањето е предвидено за вечерва меѓу 18 и 20 часот, а резултатот да биде објавен по 22 часот. Меѓу фаворите за нов лидер на Ториевците и нов премиер кој би ја заменил Меј, е Борис Џонсон. Сепак, Меј, по вчерашните средби со своите колеги во Холандија и во Германија- Марк Руте и Ангела Меркел изјавува дека ќе се бори до крај. Притоа таа алармира дека доколку не и биде изгласана доверба, во тој случај во опасност ќе бидат доведени националните интереси.
И додека Тереза Меј ги брои последните минути за големата битка со своите со партијците, како и со политичкиот опонент Џереми Корбин, политичката бура утре се сели во Франција, каде ќе му се гласа доверба и на претседателот Емануел Макрон. Не паметиме кога ова се случило во Европа- во две клучни земји во два дена да се гласа за доверба на лидерите.
Од друга страна, Макрон зад себе го има националниот гнев предизвикан, пред се, од социјалната политика на Владата, а атмосферата станува подраматична по синоќешниот напад во Стразбур, при што беа убиени најмалку 3 тројца, а се повредени десетина, од кои 5 потешко. Дали движењето на Жолтите елеци ќе го соборат Макрон? Тоа сега можеби и не е најважно, зашто политиката на Макрон, пред се фискалната, се чини е клучниот фактор кој го влечат Макрон кон дното, а голем дел од нацијата не се согласува со владините мерки кои се оправдани со таканаречените „климатски потреби“.
Па кога се наѕира падот на Макрон, чија популарност рапидно опаѓа, јасно е дека тоа ќе има последици и за владеењето на германската канцеларка Ангела Меркел. Таа иако останува на чело на германската влада, сепак, откако ја остави фотелјата во владејачката ЦДУ, јасно е дека нејзината политичка аура се намалува. Но, ударот врз Макрон не може да помине и без последици и за франко-германското пријателство и сите заеднички проекти кои ја движат Европа.
Овие случуѕвања само најавуваат дека вистинската европска политичка бура ќе се случува на мајските европски избори, кога се очекува налет на десничарските партии.
Comments are closed for this post.