Шест полицајци се повредени при судири меѓу група демонстранти и полицијата во градот Џирона, за време на протестите по повод 40-годишнината од усвојувањето на Уставот на Шпанија. За време на протестите во овој град што се наоѓа во шпанскиот автономен регион Каталонија, полицијата уапси еден демонстрант.


Протестите ги организраше група, која себе си се нарекува „антифашисти“, со цел да го спречи одржувањето на собирот по повод донесувањето на Уставот, организран од екстремно десничарската и популистичка партија Вокс.

Вокс, која е формирана во 2013 година од дисиденти од конзервативаната Народна партија, жестоко се противи на независнoста на Каталонија и се залага за зачувување на единството на Шпанија.

На регионалните избори во Андалузија во неделата, Вокс освои 10,97 отсто од гласовите и 12 мандати, со што првпат обезбеди места во Парламентот на некој шпански регион.