Во Хамбург денеска почнува  дводневната Конференција на германската владејачка Христијанско демократска унија (ЦДУ) на која треба да биде избран наследник на канцеларката Ангела Меркел на местото лидер на партијата. Вкупно 1.001 делегат на Конференцијата ќе го избираат новиот претседател на ЦДУ меѓу 12 кандидати, но главната борба се очекува да се
води меѓу тројца од нив – актуелната генерална секретарка на партијата, Анегрет Крамп Каренбауер, поранешниот координатор на пратеничката група на демохристијаните во Бундестагот, Фридирх Мерц и министерот за здравство, Јенс Спан.

Крамп Каренбауер, која во германската јавност е позната под прекарот АКК, е блиска соработничка на Меркел и поранешна премиерка на сојузната покраина Сарланд. Таа важи за кандидат чии ставови се најблиски до центристичката политика на Меркел, но во повеќе наврати знаеше да се користи и со поконзервативна реторика и беше особено гласна во противењето на
истополовите бракови. Иако многумина ја сметаат за пулен на Меркел, 56-годишната Крамп
Каренбауер во текот на кампањата за партиски лидер се обидуваше да се дистанцира од актулената канцеларка и да ги нагласи разликите меѓу нив, без притоа да ја оспорува нејзината позиција.

Анегрет Крамп Каренбауер

 

За разлика од Крамп Каренбауер, која е дел од најблискиот круг соработници на Меркел, вториот водечки кандидат за лидерката позиција, 63-годишниот Фридирх Мерц, е повратник во германската политика, по повеќе од една деценија минати надвор од политичкиот живот. Мерц, кој беше координатор на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот од 2000 до 2002 година, од оваа позиција беше сменет токму од Меркел, поради што се смета дека кај него постои нетрпеливост кон актуелната канцеларка.

Многумина сметаат дека ако Крамп Каренбауер стане лидер на ЦДУ, таа најверојатно ќе дозволи Меркел да го „отслужи“ целиот сегашен канцеларски мандат до 2021 година, но доколку Мерц го преземе раководењето со партијата, не е исклучено тој да предизвика предвремени сојузни парламентарани избори уште идната година, на кои би бил кандидат за канцелар и со тоа „предвреме“ би ја пензионирал актуелната канцеларка.

Мерц, кој последните години работеше како адвокат и претседател на Надзорниот одбор на германскиот огранок на американскиот инвестициски фонд „Блекрок“, важи за човек со нагласено козервативни ставови и со деловен пристап во работењето. Иако нема големо искуство во „високата политика“, тој има добри врски во бизнис круговите во Германија, но и во самиот врв на ЦДУ, па не изненадува што неговата кандидатура ја поддржаа неколкумина истакнати партиски членови.

Фридирх Мерц

Во текот на кампањата пред Конференцијата, Мерц често ја критикуваше политиката на „отворени врати“ за мигрантите на Меркел и „нерегулираниот прифат“ на азиланти, обвинувајќи го актуелното раководство на ЦДУ дека со ваквите ставови придонело за одлевање на дел од традиционалното гласачко тело на демохристијаните кон десничарската антимигрантска партија Алтернатива за Германија (АФД).

Најмладиот од тројцата главни кандидати за нов лидер на ЦДУ, 38-годишниот министер за здравство Спан, е еден од поистакнатите критичари на Меркел. Тој ја има поддршката на десното крило на ЦДУ, но со вклучувањето на Мерц во изборната трка дел од десничарските демохристијани се наклонија кон него, со што, Спан, според многумина аналитичари, стана
аутсајдер во трката за партиски лидер.

Јенс Спан

Спан главен акцент во својата кампања стави на прашањата на миграцијата и на безбедноста.
Иако, Спан речиси и да нема шанси да биде избран за лидер на ЦДУ, сепак според аналитичарите, тој би можел да ја искористи сегашната состојба и да продолжи да ја зајакнува својата позиција, подготвувајќи се за нова битка при следната смена на лидерската позиција во партијата.

Кој и да биде избран за нов лидер на ЦДУ несомнено е дека ќе претстои свртување на партијата в десно, иако таквиот пристап не и ги донесе саканите резултати на нејзината сестринска баварска Христијанско социјална унија (ЦСУ) на последните регионални избори во Баварија.