Српскиот претседател Aлександар Вучиќ  најави дека ќе поднесе тужби против неколку западни медиуми – вклучувајќи ги „Гардијан“ и „Дејли меил“ – поради написи што лажно го поврзуваат со таканареченото „сараевско снајперско сафари“.

Според Александар Вучиќ, обвинувањата се целосно измислени и лесно проверливи.

„Никогаш во животот не сум држел снајперска пушка, дури и не сум слушнал за никакво „сафари“. Имам стотици сведоци, видеа – а таму каде што велат дека сум имал „пушка“, всушност тоа е статив за камера. Но, тоа не е најлошото. Дури се обидоа да ме обвинат за геноцид во Босна и Херцеговина, а нивните обвинители го отфрлија тоа. Тие едноставно сега се подобро организирани. Тоа е лага што лесно се побива, но ваквите лаги секогаш се објавуваат во најтешките моменти за Србија“, истакна шефот на државата.

Претседателот нагласи дека ги смета ваквите написи за дел од оркестрирана кампања за дискредитација на Србија и нејзиното раководство. Ќе бидат преземени законски мерки против сите странски публикации што ги дистрибуирале овие материјали.