Европската Унија се обидува да се „пазари“ со официјален Белград околу преговорите со Косово, пишуваат српските медиуми. Според нив, претседателот Александар Вучиќ, преку дипломатски канали добил „непристојна понуда“ Србија да ги продолжи преговорите со Косово без да биде повлечена одлуката на Приштина за зголемување на царините за српските прозиводи, а за возврат Србија во декември да добие отворање на три поглавја во преговорите за пристап во ЕУ. Сепак, како што пишува „Вечерње новости“, Вучиќ таквата понуда ја одбил.
Како што пишува весникот, Вучиќ не сакал ниту да размислува за тој „лицемерен аранжман“. Српските власти, таквата понуда ја сметаат за „апсурдна“ затоа што со воведувањето на зголемени такси на српските производи се прекршува ЦЕФТА договорот во кој се вградени некои од основните принципи на ЕУ, кои сега, со оваа понуда, токму Брисел ги гази.
Како што наведува весникот, ваквата понуда не треба да чуди затоа што за остварување на целта на актуелната европска администрација, односно решавање на косовското прашање, останува се помалку време поради истекување на нивниот мандат. Притоа, од весникот потсетуваат дека и високата европска претставничка, Федерика Могерини, изјавила дека би сакала дијалогот да се заврши до мај 2019 година кога ќе се одржат изборите за Европскиот парламент.
Најавено е и дека по формирањето на војската на Косово, еден нејзин гарнизон ќе биде распореден на северот што е спротивно на договорот меѓу Белград и НАТО. Одговорот на Вучиќ на таквите најави беше дека дијалогот ќе продолжи кога Приштина ќе ги повлече противзаконските одлуки поради што сега доаѓа понудата на Брисел како да обид да се омекне тој став на Србија.
Како што наведува весникот, Србија одамна е подготвена да ги отвори тие три поглавја, но од политички причини поедини членки на Унијата тоа го стопираат. На листата на чекање се поглавјата 9 – финансиски услуги, 17 – економски и монетарни одредби и 18 – статистика.
Comments are closed for this post.