Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје извршил увид на лице место и издал наредби за прибирање траги и вршење соодветни вештачења, информираат од ОЈО Скопје во врска со пукањето кон градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими, во кое се повредени две лица кои биле заедно со гроначалникот.
Од Обвинителството дополнуваат дека ќе биде издадена и наредба за обезбедување снимки од видео надзор од околни објекти, како и за преземање други дејствија.
Претходно, од Министерството за внатрешни работи информираа дека во СВР Скопје денеска е пријавено дека на влез на село Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на Општина Арачиново Ридван Ибраими, кој бил заедно со уште неколку лица. Оттаму соопштија дека градоначалникот не е повреден, а како што наведоа, не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, претходно за МИА потврди дека во престрелката е погоден возачот на градоначалникот, а пукано е и кон уште едно лице вработено во општината.
Повредениот е донесен во Ургентниот центар во Скопје.
Директорот на Клиниката за Торакална хирургија во скопскиот Клинички Центар, Неџати Јакупи за телевизија Телма изјави дека во Клиниката е донесено момче на околу 30-годишна возраст со прострелни рани на градниот кош.
Раните се за итна операција, поради што веќе влегуваме во сала, изјави Јакупи.
Comments are closed for this post.