Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, како член од владината делегација заедно со првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и со Беким Реџепи, заменик министер за транспорт, положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во цркавата „Св.Спас“.
–„Непрекинато да работиш за културното издигање и ослободувањето на македонскиот народ“ и да го гледаш „светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ се визиите на Гоце Делчев што сите ние ги делиме и ден денеска, напиша министерката Костадиновска-Стојчевска на својата фејсбук страница, по повод 152 годишнината од раѓањето на великанот чие име го сметаме за синоним на народната борба за слобода.
Таа додава дека Делчев, како учител и организатор на Македонската револуционерна организација, го исполнил долгот кон својот народ и во колективната меморија на генерациите до ден денес останува најсветла личност и поради неговата мудрост и поради високите морални карактеристики.
–Историјата е сведок дека Гоце Делчев стапува на политичкиот балкански мегдан токму кога неговиот народ, народот на Македонија непоколебливо носи одлука да ја покаже и употреби својата националната зрелост пред Европа и светот. Тој е еден од најсилните поттикнувачи на вековниот стремеж за македонска држава во која сите ќе уживаат човечки права и социјална правда, напиша Костадиновска-Стојчевска.
Comments are closed for this post.