Вработените во Фондот за здравство денеска ќе стапат во штрајк, при што ќе се стопираат речиси сите услуги освен оние итните. Оваа информација ја потврди и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов во неделното интервју на Радио Слободна Европа, каде што наведе дека иако е непопуларна мерка, веќе е донесена одлука за штрајк поради најавеното намалување на платите во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

Нна шалтерите ќе работи едно само едно лице за прием на документи, како и дека ќе се даваат само неопходните и итни услуги за граѓаните, како пријава на малолетници за осигурување, регулирање на осигурувањето за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи.

Според Трендафилов, штрајкот е непопуларна мерка кон која прибегнуваат работниците и синдикатите само во ситуација во која немаат излез, кога ќе бидат ставени до ѕид.