Мандатарот и еден од лидерите на Движењето Европа сега (ПЕС) Милојко Спајиќ изјави дека е оптимист дека ќе се формира проевропска влада во Црна Гора, јави МИНА.
Спајиќ по средбата со претседателот на државата Јаков Милатовиќ изјави дека од почетокот има опструкции, но дека се труди што побрзо да формира влада.
-Оптимист сум дека ќе се формира влада. Тоа ќе биде проевропска влада. Ништо што е добро не е лесно, во Црна Гора работите честопати се непотребно комплицирани, рече Спајиќ.
Како што пренесува порталот РТЦГ, Спајиќ рекол дека тој и неговиот тим се обидуваат да ги забрзаат преговорите.
Тој изјави дека се свесни дека е потребна влада и повтори дека Главниот одбор на ПЕС гласал за мнозинството од 44 пратеници.
-И сега на нас е да го преведеме тоа мнозинство во парламентот, рече Спајиќ.
Зборувајќи за учеството на коалицијата „За иднината на Црна Гора“ во новата влада, тој кажа дека не треба да биде затворен за разговори ниту со оваа коалиција, ниту со други партии.
-Треба да се размислува за широк разговор, рече Спајиќ.
Според него, двајца пратеници на ПЕС покажуваат некаква резерва кога станува збор за потпишување поддршка за лидерот на Демократска Црна Гора, Алекси Бечиќ, за претседател на Собранието.
-Претпоставувам дека тоа не е поради Бечиќ, туку поради составот на мнозинството, односно одлуката на Главниот одбор. Чудно, бидејќи пред еден месец потпишаа идентичен документ. Не знаеме зошто се предомислија за еден месец, истакна Спајиќ и додаде дека се надева двајцата пратеници да го потпишат договор за коалицирање на партиите.
На прашањето што ќе се случи доколку не потпишат, Спајиќ одговори дека секоја партија има органи кои одлучуваат за такви ситуации.
-Сакаме на тие пратеници да им дадеме максимална шанса да постигнат договор и решение и се надевам дека ќе ја разберат нашата вистинска намера. Можеби тие пратеници веќе не се пратеници на ПЕС, туку на некои други партии, некој дури зборува и за мешање на странски држави, истакна Спајиќ
Comments are closed for this post.