Европската унија, како посредник во дијалогот помеѓу Србија и Косово, ќе направи се за наредната година, до крајот на мандатот на шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини, да дојде до постигнување договор за севкупно нормализирање на односите помеѓу Белград и Приштина, јави ТАНЈУГ.
Од Брисел наведуваат дека постојано се одвиваат контакти со цел да продолжи дијалогот помеѓу Белград и Приштина, но дека се уште не постои конкретен датум за можен нов состанок на претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.
Без оглед дали ќе дојде до продолжување на дијалогот Белград-Приштина, за овој месец се очекува редовниот извештај што Европската служба за надворешни работи ќе го претстави на земјите членки на ЕУ за напредокот во процесот за нормализација на односите на двете земји.
Од извештајот во голема мерка ќе зависи и одлуката на членките на ЕУ за бројот на новите поглавја што Србија ќе ги отвори во декември во рамки на своите пристапни преговори.
По последната средба под покровителство на Могерини, која заврши без какво и да е поместување во приближувањето кон конечно решение за сеопфатна нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина, од ЕУ порачуваат дека продолжуваат нивните напори за постигнување правно обврзувачки договор.
Comments are closed for this post.