Претседателот Стево Пендаровски, заради својот конвертитски синдром одамна не е за коментирање. Едноставно, тој го „отпеа“ своето уште многу пред да му заврши мандатот. И кога вели дека се уште не размислува за нова претседателска кандидатура ќе му биде подобро навистина да е така.
Зашто, и самиот бараше само еден мандат, со најава дека ќе се откаже од сите привилегии, што му следуваат потоа. А, дали ќе се врати на професурата или ќе се исели во странство, тоа останува негов личен избор.
Вчера, со самоволното преземање на улога на судија околу ставовите на власта и опозицијата околу уставните промени и внесувањето на Бугарите во Уставот, Пендаровски уште еднаш се надмина самиот себе си. Само што човек не знае кого мами-дали граѓаните или самиот себе!?
Дека ќе ја поддржи власта тоа го знаеја сите, па и врапците на гранка. Не беше чуден ни односот кон опозицијата, но зачудува неговото образложение за временската рамка за стапувањето во сила на евентуалното усвојување на уставните промени.
-Од друга страна е во право опозицијата кога вели дека нејзините предуслови кои дополнително ги има испоставено на лидерската средба. Особено барањето за одложено дејство на уставните проемни, или тие да важат откако Македонија ќе стане членка на ЕУ. Тоа според мене е апсолутно надвор од реалноста, иако јас би сакал да биде така, изјави Пендаровски.
Значи, Пендаровски вели дека е апсолутно надвор од реалноста евентуалните уставни промени да стапат во сила откако Македонија ќе стане членка на ЕУ, ама и додава дека и тој самиот би сакал да биде така!
И сега клучно е прашањето зошто Стево, кога веќе сака, како директен учесник во преговорите околу т.н. француски, а во суштина бугарски предлог, не се избори Уставот да се менува и со тоа и Бугарите да влезат во него, пред самиот влез на Република Македонија во ЕУ? Па, за што го плаќаат граѓаните да сака нешто или да издејствува нешто?
А, не е само оваа работа. Како можеше власта, а со тоа и самиот Пендаровски да не се изборат ама барем за една, единствена работа, што ќе наидеше на одобрување кај мнозинството граѓани, пред се етнички Македонци!
Во интервју за неделникот Фокус од 28 јули 2022 година, одговарајќи на новинарското прашање за каков реципроцитет и за какво добрососедство говриме, Пендаровски ќе одговори:
-Ви тврдам дека од позиција на кандидат за членство во ЕУ не можеме да натераме членка да се нафати на тие работи. Ние сме сведоци дека 16 пресуди на Судот во Стразбур за регистрација на ОМО Илинден и практично за кршење на правата на Македонците во Бугарија не се имплементираат, ниту една од нив, така што европски суд не може да ги натера.
Некои луѓе ме критикуваат за изјавата што ја дадов дека како држава со 1,8 милиони жители, со 500 евра плата, со ваква геополитика, толку можеме. Јас би можел да кажам дека можеме да им диктираме на членките на ЕУ, но не би сакал да ги лажам нашите граѓани.
Мојата теза е дека ако сме внатре и еден ден станеме членка на ЕУ, одвнатре веојатно ќе можеме повеќе да направиме за нашите сонародници, отколку сега што сме надвор. Сега сме во НАТО рамноправни и можеме и за Украина рамноправно да разговараме, иако сме мала држава. А во ЕУ се уште чекаме да влеземе. Затоа е важно да сме внатре, а не надвор.
Навистина, колку беа поголеми од Македонија, на пример, Словенија, Естонија, Летонија, Литванија пред да станат членки на ЕУ, колкави им беа платите, ама сепак се изборија за тоа своите устави да ги менуваат на крајот од преговарачкиот процес? Не е ни до големината на државите, ни до платите, туку до способностите на властите. Нешто што нашите актуелни власти, вклучувајќи го и шефот на државата го немаат.
Наместо да делува како татко на нацијата и како глас на мудроста, претседателот Пендаровски стана ново цвеќе. Можеби не фикус, ама нешто слично на филадендрон.
Comments are closed for this post.