Ќе беше подобро министерот за надворешни работи, Бујар Османи, да не оди во Софија. Или кога веќе одлучил да оди да го посети натепаниот охриѓанец Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III, барем да не излегуваше пред бугарските медиуми. Вака излезе на виделина целото негово незнаење и логика, што се сведува на чиста антилогика! И што е можеби најважно, во пресрет на 4 февруари, денот на раѓањето на македонската револуционерна икона Гоце Делчев.

-Значи, денеска фокусот на ова доаѓање е ова насилство врз Христијан, што мора да го осудиме и мора да создадеме атмосфера на нула толеранција, но исто така и провокација на доѓање на политичари кои доаѓаат во Република С.Македонија и го негираат и навредуваат македонскиот народ среде Скопје. И тој вициозен циклус во кој што сме влезени мора да го прекинеме и затоа е тоа укажување дека тоа ќе биде последно доаѓање во Република С.Македонија. Мора овој циклус на провокции и насилства да престане денеска, а ние како држава ќе направиме се да има нула толеранција кон провокциите и навредите кон бугарската заедница, кон македонскиот народ и кон било кој граѓанин на С.Македонија, изјави меѓу другото Бујар Османи.

Очигледно според логиката на Османи за бугарските политичари нема да биде дозволено негирање и навредување на македонскиот народ во Скопје!? А, дали тоа значи, според неговата антилогика, дека бугарските политичари ќе можат да го негираат и навредуваат македонскиот народ во Охрид, Битола, Прилеп…или во било кој друг град во Македонија?!

Како тоа одеднаш на Бујар Османи му дојде на ум ваквите бугарски политичари во иднина да бидат непожелни за влез и престој во Македонија, кога само пред не повеќе од десетина дена, по престојот на Ангел Џамбаски од ВМРО-БНД и на Костадин Костадинов од Преродба, и он самиот и премиерот Димитар Ковачевски ја маргинализираа нивната политичка улога и не реагираа на негирањето и навредувањето на македонскиот народ среде Скопје?

Зарем требаше да дојде до ваков сериозен инцидент за да се соочат со сосема погрешниот политички приод во односот кон бугарските негатори на македонскиот народ, што со други зборови значи дека прво дозволуваат да избувне пожар, па потоа го гаснат?! Нивната ненавремена реакција, сакале да признаат или не, се пренесува меѓу обичниот народ, а меѓу него има секакви граѓани, па и такви со краток фитил.

Истото важи и за претстојното чествување на годишнината од раѓањето на македонската револуционерна икона Гоце Делчев на 4 февруари во Скопје. На социјалните мрежи и по медиумите веќе се највија тензии со висок ризик. Па, така на пример, првиот човек на фондацијата Макеедонија, Виктор Стојанов, изјави дека на сите Македонци, кои ќе ги кренат рацете ќе им ги скрши!!!

 

Дали на Стојанов, на пример, треба да му се дозволи да дојде во Скопје и на Македонците да им ги скрши рацете, па дури потоа да биде прогласен за персона нон грата, иако тој не спаѓа во редот на бугарските политичари?!

Бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, го внесе Османи во целосно непознати води за него.

-Момчето настрада заради своите идеи. Еден маж со кауза која што ја застапува. Ситуацијата не треба да продолжи на овој начин. Треба да се стави крај на атмосферата на неказнивост која што раѓа и ново насилство. Тука сум да кажам ‘не’ на враќањето на тие црни традиции кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе. За такво нешто нема место во Европа, изјави тој, додека Османи стоеше и молчеше до него.

А, што може да каже или барем да праша нашиот министер?

Да, македонската мартирологија е со богато минато. Но, Милков требаше и мораше да биде попрецизен. Особено околу тоа за кој период ги врзува тие црни традиции, кои што се врзуваат историски за Македонија, на палење, на стрелање, на насилство врз луѓе. На периодот од формирањето на Македонската револуционерна организација, на пред или постилинденскиот период, на формирањето на ВМОРО, на поделбите во неа, на Првата или на Втората балканска војна, на Првата светска војна, на бртоубиствената војна на чело со Иван Ванчо Михајлов или на периодот за време или по завршувањето на Втората светска војна!

За Османи е можеби непознато или неважно, што се случувало со Македонците во минатото. Но, судејќи според неговиот потпис од вториот протокол на меѓувладината комисија, мислел дека Милков говорел за Македонија по Втората светска војна. Зашто, само тотален аналфабет може да се согласи и да тврди дека поранешните комунистички тајни служби вршеле неправди и репресии врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и врз македонските Бугари.

Милков е типичен претставник на бугарската дволична политика. Тоа најдобро се виде од соопштението на бугарското МНР, по настаните, што се случија на чествувањето на годишнината од убиството на Мара Бунева во Скопје. Тогаш неговото министерство од една страна соопшти дека „јавните изјави со кои се навредува или провоцира Македонија се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни и тие не го претставуваат официјалниот став на бугрската држава и не можат да се толкуваат како такви“. Тука е очигледна дистинкцијата меѓу Македонија и Македонците, кои дури не се ни споменуваат!

Од друга страна, пак, во истото соопштение министерството на Милков се повика на „заедничката историја“, па дури и чествувањето на убиството на Мара Бунева го стави во тој контекст, како можност за „поврзување на двете земји“! Не на двата народа, бугарскиот и македонскиот, туку на двете држави!

Трето, на политичките учесници на панихидата од Бугарија, иако не се споменуваа со име и презиме, сепак им даде тежина на „бугарски политичари и јавни личности, кои се залагаат за заштита на правата на Бугарите во Македонија“. На сметка на тоа, пак, како „опасни“ ги оцени маргиналните партии во Македонија, кои, наводно, биле против ваквите бугарски политичари и нивните „проекти за зближување на луѓето меѓу двете земји“.

Индикативно е што соопштението заврши со тврдењето дека „добрососедските односи со нашите пријатели во Скопје ќе се градат со дијалог, а не со забрани“. Од ова произлегува дека Милков во Македонија има и „непријатели“, ама по последниот настап на Османи во Софија паѓа во вода добрососедството без забрани. Освен ако нашиот министер за надворешни работи уште еднаш не манифестирал сериозни проблеми со вистината.

За крај само уште едно прашање-до каде стигна отворањето на македонскиот културен клуб во Благоевград, што требаше да биде сторено до крајот на штотуку завршената 2022 година, а го ветија и Османи и премиерот Ковачевски?