Стотина вработени во ЈП „Водовод и канализација“ за неколку дена остануваат на улица, дознава „Република“ од извори од Градот. Од Кабинетот на градоначалничката, но и од Градот, до овој момент не одговорија на новинарските прашања на „Република“ испратени на официјалните мејлови.

Нашиот извор, кој сакаше да остане анонимен, информира дека нивните договори за работа на определно време завршуваат и нема да бидат продолжени поради притисоци кои доаѓаат лично од градоначалничката Данела Арсовска.

Иако официјално до овој момент не добивме одговор од ЈП „Водовод и канализација“, вработени  по договор на определено време потврдуваат за „Република“ дека Арсовска инсистира договорите да не им бидат продолжени. Сметаат дека се работи за реваншизам, бидејќи притисокот на Арсовска доаѓа во време на практично отворен судир меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, што предизвика смена на неколку директори на скопски јавни претпријатија, на чие чело беа кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Во јавноста, особено внимание предизвика токму „Водовод“ каде што Арсовска и сега веќе поранешниот в.д. директор Златко Перински влегоа во отворена „војна“ околу проектот за изградба на пречистителна станица, вреден 136 милиони евра, што треба да се реализира со европски пари.

Таквиот судир на градоначалничката и партијата со чија поддршка дојде на позиција, отвора сомневање дека по директорите на јавните ретпријатија, како „жртви“ ќе паднат и обични вработени, во случајов стотина луѓе од „Водовод“.