Државниот завод за ревизија (ДЗР) денеска на својата на веб-страницата ги објави ревизорските извештаи за Собранието на РС Македонија, поточно три сметки.
Од ДЗР информираат дека за ревизорскиот извештај на Собранието, сметката за буџет на донација – Програма за поддршка на Парламентот (785- 60) изразиле мислење без резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законска регулатива, упатства и воспоставени политики. Наведуваат дека не се добиени забелешки на Нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.
За ревизорскиот извештај на Собранието, сметка на основен буџет (637), утврдено е дека Собранието не располага со имотен лист со утврдено право на сопственост/користење на земјиштето и објектот во кој е сместено и ги извршува своите функции и воспоставена е делумна сметководствена евиденција за книгите со кои располага Собранието.
Меѓу клучните препораки е да продолжат активностите за запишување на правото на сопственост/ користење на имотот со кој располага Собранието и се препорачува целосна евиденција на книгите.
Во ревизорскиот извештај се наведува дека клучни системски слабости се доуредување на регулативата во однос на: основицата за плата на избрани и именувани лица, ангажманот на надворешни соработници, отсуствата на пратеници и надоместокот на трошоци за патарини.
Со ревизорскиот извештај на Собранието, сметката за буџет на донација од Швајцарска Конфедерација (785-40), нема утврдено препораки и системски слабости, а изразено е мислење без резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законска регулатива, упатства и воспоставени политики.
Не се добиени забелешки на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор.
Comments are closed for this post.