Поранешниот претседател и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, на трибина организирана од Дипломатскиот совет, оцени дека потписот за „заедничката историја“ со Бугарија и за формирањето на Историската комисија бил грешка и дека, наспроти Преспанскиот договор со Грција, кој ги затвори спорните прашања меѓу двете земји, овој ја отворил Пандорината кутија и ги влошил билатералните односи со оваа земја уште повеќе.

-Не би ставил знак на еднаквост меѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија од најмалку една причина. Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар, уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори  ниту едно, туку напротив  ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мерка задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис едноставно не е можен. Односите со Грција затоа се неспоредливо подобри по потпишувањето на договорот, но сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши, отколку пред потпишувањето. Или да бидам директен: Потпишувањето на Договорот со Бугарија со таа содржина , посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка.Тезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата же се договориме, во самата своја основа е апсурдна. секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници настани и личности. Ако тие ви бидат одземени, од националниот идентитет не останува ништо, порача Црвенковски.

Иако се огради дека и оваа о ценка не значи дека и без договорот Бугарија немаше да стави вето, Црвенковски нагласи дека во таков случај барем немаше да го користи како аргумент во Брисел дека Македонија не ги исполнува преземените обврски.

-Позициите презентирани од страна на официјалните преставници на република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам, рече тој, додавајќи дека очекува Софија да стави вето на нашите преговори и на јунскиот самит на ЕУ.