ВМРО-ДПМНЕ продолжува со активна блокада на Собранието се до определување на датум за предвремени парламентарни избори.
Ова при денешната посета на Гевгелија го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
-Она што го гледаме и што е евидентно е што владејачкото мнозинство бега од оваа работа на начин што воопшто не се закажуваат активности во Собранието, што е скандал сам по себе. Пет дена по ред, од понеделникот до денеска, петок, во рамки на Собранието не е закажана ниту една активност. Не се закажуваат седници на Собрание, не се закажуваат седници на комисии, што само покажува дека активната блокада на ВМРО-ДПМНЕ е успешна, затоа што она што ни беше цел, а тоа е да ги блокираме штетните законски решенија кои што се спротивни на интересите на граѓаните, и се само во интерес на една тесна клика на СДСМ и ДУИ, успеваме да го направиме, изјави Николоски.
Тој додаде дека се надева дека власта ќе има доволно разум, доволно свест, и доволно волја да седнат следните денови на лидерска средба на која што заеднички ќе определат датум за предвремени избори, а исто така и да се договорат околу четирите клучни проблеми кои што ги има Македонија во делот на финансиите, на европските интеграции и проблемот со Бугарија, на образованието и на здравството како би можеле заеднички да изнаоѓаат решенија.
Николоски престојуваше во посета на Гевгелија на Денот на пожарникарите и изрази задоволство што градоначалникот, локалната самоуправа, пратеничката од Гевгелија успееле, во соработка со Источниот плански регион, исто така со прекугранична соработка, со невладини организации кои што се занимаваат со овој дел, да обезбедат опрема за пожарникарите која што е нужно битна, пред се, пред почетокот на летната сезона. Како што кажа и градоначалникот, Николоски изрази надеж дека пожрникарите ќе имаат што помалку работа, но оти сепак треба да бидат опремени, па треба да се оди кон дополнително опремување и набавување на нови возила.
Како носител во четвртата изборна единица, Николоски потенцираше дека е исклучително задоволен од она што се случува во Гевгелија со изборот на новиот градоначалник.
– Навистина една офанзива, една градежна офанзива која што се чувствува во целата општина, исто така промена во односот и бројни проекти кои што следуваат во периодот кој што доаѓа, што покажува дека градоначалникот и Советот ја оправдуваат довербата, изјави Николоски.
Comments are closed for this post.