ОМО Илинен-Пирин излезе со став во врска со новата антимакедонска изјава на бугарскиот претседател Радев дека ЕУ не смее да дозволи легитимирање на македонизмот.
Според нив оваа изјава на Радев против „Македонизмот“, не е негова туку длабоката држава во Бугарија.
Реакцијата ви ја пренесуваме во целост.
Македонизмот“ не е идологија и не е дело ниту на Коминтерна, ниту на Југославија, туку е име кое во Бугарија го користат за да го означат македонскиот идентитет, македонското самоопределување, самото тврдење дека Македонците се посебна нација со свои македонски атрибути. Поимот „македонизам“ Бугарија го користи за да прикрие дека таа се бори всушност против македонската нација. Изјавата на Радев во превод значи дека во Европа нема место за македонскиот идентитет, Бугарија нема да го дозволи тоа. Една исклучително злобна и фашизоидна изјава, најнепријателската која може да биде направена всушност, освен ако не изјави дека Македонците не се ниту луѓе. Но многу блиску.
Таа изјава се повторува како рефрен веќе повеќе од 12 години на највисоко државно во Бугарија : „Македонија во Европа – да; македонизмот – не“. Тоа е истата зацртана од Тодор Живков политика на редефинирање на македонската нација и држава на пробугарска основа која е официјална и владејачка во Бугарија од 1963 г. досега. Ова тоталитарна комунистичка политика, заедно со нејзиниот близнак – асимилацијата на македонското малцинство во Бугарија под мотото на истиот Живков: „во Бугарија македонско малцинство нема и не може да има“ се сржта на бугарската позиција по македонското прашање.
За жал, како што сите во Бугарија признаваат, Бугарија беше примена во Европа без да изврши ниту една реформа како што треба и без реално да исполни ниту еден услов, ниту за врховенството на законот и владеењето на правото, ниту за слободата на словото, ниту во однос на малцинствата, ниту во врска со корупцијата и организираниот криминал (да се потсетиме на изјавата на поранешниот бугарски премиер Костов: „во Италија државата има мафија, а во Бугарија мафијата има држава“).
Да за жал Бугарија со сите нејзини проблеми од минатото и со тоталитарната политика на Тодор Живков влезе во Европа, за да може да создава сега проблеми на држави кои од старт се повеќе европски отколку е таа после 15 години членство во Европската унија, да го нарекува црното бело и крадецот да вика држете го крадецот. Говорителот на омразата да повикува против говорот на омраза.
Држава која испрати стотици Македонци на смрт и во логори, стотици со години во затвори, илјадници во прогонство, илјадници ги репресираше по други начини, само затоа што се Македонци, која ги дискриминира Македонците на своја територија дури и денес во рамките на Европската унија, ги крши правата на македонското малцинство и одбива да ги исполни пресудите на Судот за човекови права, држава во која Македонците се постојан објект на исмејување и понижување, на говор на омраза третиран како патриотизам, токму оваа држава се најде да ја обвинува Македонија за нешто што таа ниту го има правено, а ниту го прави, да ја обвинува за она што всушност Бугарија го има направено и продолжува да го прави.
Каква лицемерност.
Ако треба да се применат спрема Бугарија критериумите за членство денес таа веднаш би била исфрлена од Европската унија!
Не е заинтересиран Радев да ја штити демократијата и правото, туку сака да ја заштити политиката на Тодор Живков, правото да ги дискриминира и бугаризира Македонците.
Дека Бугарија се самоопредели како непријател на Македонија е жално но јасно. Ништо ново за нас Македонците во Бугарија. Ново е тоа за една голема група слепци кои се обидуваат низ годините слепо да ја водат Македонија.
Но не треба да забораваме и кои беа оние „македонски“ премиери, кои ја доведоа Македонија во ваква ситуација. Оние кои извршија предавство, потпишувајќи договори за „пријателство“ со држава која има официјална непријателска позиција против Македонија, без да ги заштитат македонските интереси и да го постават прашањето за македонското малцинство, без да побараат Бугарија да се откаже од својата непријателска политика и така ѝ дозволија да влезе во Европа за да може сега да ја наметнува својата антимакедонска политика како услов за еврочленство на Македонија. И
гледаме дека двајцата основни предавници Љубчо Георгиевски и Владо Бучковски сега се обидуваат да настапуваат како медијатори во спорот кој постои само поради нивното предавство. Без нивното предавство изјави како онаа на Радев немаше да бидат можни. Кога ќе биде побарана одговорност од овие луѓе?
До кога наивноста, слепотијата и слабоста ќе бидат основни карактеристики на македонската политика?
Како е можно Македонија не само да не ни помага нам, туку да им помага на оние кои се наши непријатели?
Comments are closed for this post.