Предлог-декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ за чествувањето на Гоце Делчев поднесена во Собранието е класично политичко киднапирање на важно национално прашање за дневно-политичка потреба. Никој нема проблем со содржината на предлог-декларацијата, туку со нејзината форма, процесот да се извади од историската комисија, да се префрли на политички фронт, да стане обид за компетиција со бугарскиот парламент кој од двата парламента ќе донесе посилна декларација за Гоце Делчев. Тоа не е решение.

Оваа оценка на шефот на дипломатијата Бујар Османи, изнесена во неговото синоќешно гостување на една од националните телевизии, предизвика големо внимание во јавноста. Иако, министерот ја искористи квалификацијата „политичко киднапирање“ во фигуративна форма, сепак, како претставник на власта не беше далеку од вистината дека тоа е и реално и фактички присутно во државата.

Зашто, не така одамна, само пред нецели два месеци, токму владејачките СДСМ и ДУИ се послужија не со фигуративно, туку со вистинско политичко киднапирање во дневно-политички цели. Чисто за да ја сочуваат власта. Откако опозицијата најави дека обезбедила ново парламентарно мнозинство, власта го „прибра“ пратеникот Кастриот Реџепи!

Со мало задоцнување, излезе дека Реџепи бил сместен во премиерската вила и тој тоа не го демантираше.

Целата сторија за државно политичко киднапирање на пратеник неминовно потсетува на времето на тоталитаристичкото комунистичко/социјалистичко минато од крајот на 70-тите години на веќе минатиот век. За помалку упатените, тогашната комунистичка/социјалистичка власт, во акција за расчистување со тогаш „опасните емигрантски кругови“, во Париз го киднапира Драган Богдановски. На 3 јули 1977 година, Богдановски од луѓето на СДБ со автомобил бил пренесен до Љубљана, а од таму е пренесен во полициски објект во ловиштето „Јасен“ каде е чуван цели 18 месеци.

Ете, по цели 45 години Република Македонија се врати на државно политичко киднапирање, а премиерската вила се изедначи со тајната локација на Службата за државна безбедност во „Јасен“, што е само уште една потврда дека историјата некогаш се повторува како фарса.

По признанието на Османи дека во содржината на предлог-декларацијата за чествувањето на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев нема ништо спорно, туку дека е спорна формата, се поставува прашањето дали за власта би било прифатливо усвојување на декларација за Тито Делчев!? Можеби некому на прв поглед ќе му изгледа чудно ваквиот назив, но тој не претставува никакво изненадување за добрите хроничари на настаните на домашната политичка сцена.

Дарко Каевски, пратеникот од редовите на СДСМ и шура на новиот конзул во Чикаго, а претходно Директор на Агенцијата за млади и спорт, во едно свое гостување го спореди поранешниот премиер Зоран Заев со бившиот југословенски лидер Јосип Броз Тито.

-Најмногу за нашите родители направил Јосип Броз Тито. Ќе дојде време, ние на нашите деца и внуци, ќе им раскажуваме, дека во времето на Зоран Заев, со Владата, успеал да го реши деценискиот спор за името со Грција, истакна тогаш Каевски.

 

Полицискиот генерал Стојанче Ангелов од Достоинство, во дебата со проф. Димитар Апасиев од Левица, во еден момент го спореди екс-премиерот Заев, ни помалку, ни повеќе, туку со Гоце Делчев.

-Можеби Зоран Заев е нов Гоце Делчев. Во тој момент кога Гоце Делчев одел по околиските штабови да ги убедува, изјави Ангелов.

Нов Тито или нов Делчев, се едно. Важно е да се прикаже само идеолошкото лутање и лавирање од чисто дневно-политички потреби на владејачкиот СДСМ. А, истото важи и за ДУИ. Зашто, Али Ахмети при последната посета на Косово, како истакнат ленинист-марксист, со песна го „славеше“ ликот и делото на Енвер Хоџа.