Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при вчерашната посета на Тетово одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе го радикализираат опозицискиот фронт и како ќе дојдат до избори, кога власта вели дека нема да има избори до 2024 година, истакна дека опозицијата има план и стратегија и ќе ги искористи сите институционални и вонинституционални методи и алатки да дојде до предвремени парламентарни избори што побргу.

Не очекувам дека овие кои што се возат со лимузини со пола  милион евра кои што газат дебели црвени перскиски килими во владините кабинети, и фино залегнати се во кожни фотелји, додека народот гладува а младите се селат од државата и луѓе умираат по болници или горат живи како што беше случајот овде во модуларната болница во Тетово, дека ќе заминат. Нормално е дека нема да заминат. Нормално дека ќе сакаат до последно да го цицаат народот и да живеат на маката на народот. Ако мислите дека тие сами ќе заминат нема да заминат, еве јас ќе ви кажам не треба тие да ви кажат. Но затоа ние како опозиција имаме свои алатки и методи институционално и вонинституционално, да се бориме за тоа што мислиме дека народот го очекува од нас, и да бидеме на страната на народот. Да не ни се повторува да ни горат луѓе како модуларната болница овде, да не ни се повторува „БЕСА Травел“. Можам да ви редам уште многу такви примери, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски додаде и дека имаат план и стратегија како опозиција за што побргу да се издејствуваат предвремени парламентарни избори.

Нормално дека имаме план, јас сум сериозен човек и секогаш во животот ги правам работите со план. Бидете трпеливи ќе видите, истакна Мицкоски.