Дека зад кандидатурата, изборот и членството во највисоката научна институција во државата се кријат разно-разни интереси, од непотизам до гол клиентелизам, па и чисто политички пазарења, а не вистински критериуми и заслуги е одамна познато, анализира „Пресинг ТВ“.
По секој избор на нови академици, доброупатените познавачи на состојбите зад кулисите секогаш ги плетеле приказните за тоа што навистина се крие зад кренатите два прста на мнозинството, па затоа и не треба да чудат оценките и перцепцијата во јавноста дека МАНУ е претворена во лично гранапче, а нашите академици се обични приврзоци на власта, а науката, знаењето, личниот дигнитет и интегритет таму едноставно не „живеат“.
Но, се чини дека најновиот избор на нови редовни академици се претвора во чиста вулгаризација на членството во МАНУ. А, во центарот на вниманието е кандидатурата на директорот на Институтот за национална историја и претседавач на македонскиот дел од заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците Драги Ѓоргиев.
Неговата неодамнешна изјава дека за време на Втората светска војна може да се говори дека Бугарија била окупатор, но не и дека нејзината тогашна власт била фашистичка, туку профашистичка, покрај крајно негативните реакции во јавноста, зашто ги доведува во прашање темелите на македонската државност, предизвика и нарушување на чисто семејните односи, што во крајна линија ги отсликуваат и поделбите во целото општество.
Професорката Катерина Тодоровска од Институтот за национална историја (ИНИ), во подолг статус на фејсбук, веројатно испровоцирана од македонското историографско јаничарење на Ѓоргиев на сметка на Бугарија, предупредува дека МАНУ ќе направи грешка ако тој биде избран за нејзин редовен член. И се ќе беше нормално, ако професорката Тодоровска не беше снаа од син на академик Ѓорѓи Поп Атанасов, еден од двајцата рецензенти на кандидатурата на Ѓоргиев. Другиот рецензент, пак, е академик Вера Битракова, сопруга на неодамна починатиот академик Цветан Грозданов.
Тоа што е најчудно, покрај останатите најблаго речено „чудни“ моменти, е фактот дека двајцата рецензенти не го споменуваат членството на Ѓоргиев во комисијата! А, на тоа се надоврзува сличната, ако не и идентична содржина во делови од рецензиите, што наметнуваат две клучни прашања. Прво, колкава е веројатноста двајца академици да мислат, па и да пишуваат исто за Драги Ѓоргиев и второ, дали можеби проф.Драги Ѓоргиев самиот си ја напишал рецензијата, а двајцата академици само ја визирале со своите парафи на неа?
Но, еве што во целост пишува проф.Тодоровска за целиот случај:
,,Најмногу од се‘ жалам за времето што сум го потрошила на многу луѓе, кои при првото свртување, ми закачиле нож во грб.
Некои за ефтин интерес, некои за бедна надеж, некои за покривање на лага, некои ….
Тоа е моментот на вистината.
Знам, дека говорењето на вистината е најдобар начин за да ги изгубите пријателите, но и да се ситат душманите.
И тоа многупати го имам доживеано.
Но, тоа не значи дека вистината треба да ја запретам по цена на лажни пријателства.
Ова е уште една предвреме пишана вистина за поразот кој си го подготвуваат во МАНУ.
Го нареков: Два академика за едно академиченце!
Во текот на моите студии имав чест, многу нешта да учам од проф. д-р Христо Андонов Полјански. Една од неговите поуки беше: „Читајте сѐ, за да научите и да цените како се пишува“.
Разбрав, дека на 31. 01. 2022 год,, од страна на Македонската академија на науките и уметностите, јавноста била информирана за објавувањето на листа на предложени кандидати од одделенијата за избор на членови во работниот состав, надвор од работниот состав и за промена на статусот член на МАНУ надвор од работниот состав во статус на редовен член со рецензиите го побуди мојот интерес за разгледување на предлозите и рецензиите за лицата што се предложени.
Меѓу предлозите за избор на редовни членови на МАНУ поднесени од одделенијата на МАНУ се наоѓа и името на дописниот член Драги Ѓоргиев чија област на работа е: Историски науки (османлиски период) (http://manu.edu.mk/teams/prof-d-r-dragi-gjorgiev/).
Како долгогодишен научен работник, лично ме интересираа рецензиите за дописниот член Драги Ѓоргиев кој е кандидат за член во работниот состав на МАНУ.
На рецензензиите за доп. член Ѓоргиев потпишани се акад. Ѓорги Поп-Атанасов чија област на работа е средновековна македонска книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија (http://manu.edu.mk/teams/d-r-gjorgi-pop-atanasov/) и акад. Вера Битракова Грозданова, чија област на работа е историја на уметноста на старите народи (класична археологија и античка археологија на Балканот) (http://manu.edu.mk/teams/dr-h-c-vera-bitrakova-grozdanova/). Во прв момент бев непријатно изненадена, но за изборот на рецензентите и блискоста на нивната професионална преокупација со работата на кандидатот нема да зборувам.
И така, научена да читам сѐ, ги исчитав и рецензиите потпишани од два академика за еден ИДЕН.
Од прочитаното можам да ви кажам дека во нив има славопојки, небаре идниот сам си ги пишувал рецензиите и се заборавил од самофалбите. И тоа е нормално. Та, нели треба да се оправда трансферот на досегашниот дописен член во МАНУ, Ѓоргиев, во ним рамен.
Во двете рецензии се дадени стандардните биографски податоци, објавените трудови на кандидатот во периодот од 2015 година до денес, неговите патувања по светот во контекст на истражувања за проекти, неговата ангажираност во општествените случувања во Македонија, неговиот придонес во…. што ли не.
Дури, рецензентите, меѓусебе толку добро се разбирале што и двајцата посакале со исти зборови да го испофалат доп. член Драги Ѓоргиев како директор на Институтот за национална историја. Па (пот)пишале:
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов: „… проф. д-р Драги Ѓоргиев веќе 10 години е директор на Институтот за национална историја, најстарата македонска научна установа, формиран во 1948 година. Во споменатиот период тој активно ја креира научно-административната дејност во Институтот …. Секако, тука е соработката со МАНУ, при што, во изминатиот петгодишен период, беа организирани неколку заеднички конференции, а Институтот за национална историја остварува континуирана соработка со Јеголонскиот универзитет од Полска и со Хумболтовиот универзитет од Германија. Благодарение на контактите и ангажираноста на доп. член Драги Ѓоргиев, Институтот за национална историја, и покрај неповолните услови за работа, успева да излезе надвор од рамките на Македонија и да биде препознатлива научна институција во пошироки рамки…“. (http://manu.edu.mk/wp-content/uploads/2022/01/ Рецензија-Ѓ.Поп-Атанасов.pdf стр. 21-22).
– Акад. Вера Битракова Грозданова: „: „… Доп. член Драги Ѓоргиев веќе 10 години е директор на Институтот за национална историја, најстарата научна установа во државава. Во изминатиот период тој активно ја креира научно-административната дејност во Институтот …. Секако, тука е, пред сѐ, соработката со МАНУ, при што, во изминатиот петгодишен период, беа организирани неколку заеднички конференции. Институтот за национална историја остварува континуирана соработка со Јеголонскиот универзитет од Полска и со Хумболтовиот универзитет од Германија. На тој начин, благодарејќи им на контактите и ангажираноста на доп. член Драги Ѓоргиев, Институтот за национална историја, и покрај неповолните услови за работа, успева да излезе надвор од рамките на Македонија и да биде препознатлива научна институција во пошироки рамки“. (http://manu.edu.mk/wp-content/uploads/2022/01/Рецензија-В.-Битракова.pdf стр. 20).
Признавам, трогната сум од грижата на двата академика за „просперитетот“ на Институтот за национална историја (натаму: ИНИ) во периодот на директорувањето на нивниот избраник, иако во ИНИ немаат стапнато со години/децении. Можеби е субјективно, но ќе кажам дека ИНИ никогаш не бил во толку очајна состојба како во последниве 10 години. Вработените се поделени на „нивни“ и „наши“, „ваши“ и „туѓи“, „предавници“ и „патриоти“ и што уште не. Проекти добиваат или во проекти учествуваат само оние „помилуваните“ од милоста на директорот. Иако, статутарно, раководната улога во Инстутутот ја има Советот на ИНИ, но неговата работа со години се минира.
Можеби пак академиците знаат дека ИНИ е претворен во приватна институција на нивниот кандидат за еднаков со нив, па затоа напишале дека „… благодарејќи им на контактите и ангажираноста на доп. член Драги Ѓоргиев, Институтот за национална историја, и покрај неповолните услови за работа, успева да излезе надвор од рамките на Македонија и да биде препознатлива научна институција во пошироки рамки“. Небаре во ИНИ не постојат други вработени, туку тој саможртвено со месеци истражува по светот. При тоа, можеа да ѝ објаснат на македонската јавност кои се тие „… неповолните услови за работа…“. Признавам, од страна подобро се гледаат работите, па можеби тие, гледајќи го ИНИ од МАНУ ги „откриле“ нашите неповолни услови за работа.
Тажно е што, два академика (пот)пишале рецензии во кои зборуваат за соработката на ИНИ со „ЈЕГОЛОНСКИОТ универзитет од Полска“. Како мини информација, Универзитетот во Краков е основан во 1364 година како „Akademia Krakowska“, а од 1817 година во чест на Јагелонската династија на полските кралеви е наречен ЈАГЕЛОНСКИ (Uniwersytet Jagielloński https://www.uj.edu.pl/pl).
Поради фактот што двата академика ги заинтересирал општествениот живот во македонскава држава, преку ИНИ, очекував дека во рецензиите ќе го видам и ставот на рецензентите по однос на улогата на доп. член Драги Ѓоргиев како копретседател или раководител на македонската страна во Заедничката комисија за образовни и историски прашања со Бугарија (натаму: Комисија). Очекував, согласно обемниот и исклучително темелен опус на двата академика, да го кажат својот став по прашањата кои ги отвори Комисијата за средновековието и да дадат ум, на раководителот, како поука. Но, од тоа ништо. Небаре академиците не се оние најповиканите и најумните во државава по однос на нејзиното минато, сегашност и иднина. И небаре, Ѓеоргиев не е раководител на една Комисија.
Знам дека одговор, за секој мој збор, ќе најдат, а можеби и го насетувам. Ама смешен е секаков одговор и бегањето од реалноста која ја тишти македонската држава.
И да не се лажеме. Немам илузија дека ова мое писание ќе спречи НАГРАДУВАЊЕ на доп. член Драги Ѓоргиев со скок од дописен член на МАНУ во член во редовниот состав. Секако не после темелните и содржајни рецензии, а секако и бројноста на благонаклонетите на благонадежниот во МАНУ.
Единствено не ми е јасно, како АКАДЕМИЦИ, со светско реноме во областите во кои работат, ќе кренат два прста за овој дописен член да го направат еднакво со нив, кој, барем за мене, од денот на аминот па натаму, ќе остане АКАДЕМИЧЕНЦЕ.
Comments are closed for this post.