Мила Царовска, министерката за образование и наука нема да биде дел од новата Влада.

-Јас донесов одлука да не учествувам во новата влада со новиот мандатар. Во изминатите пет години заедно со мојот тим испорачавме политики во интерес на граѓаните. Продолжувам да се борам и да ги застапувам истите вредности, истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата, како и силата на жените и младите, изјави денеска Царовска.

Премиерот Зоран Заев најверојатно во среда ќе ја поднесе оставката, по новогодишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски.

По ова, во оставка ќе биде целата влада, а идниот владин кабинет се очекува да го состави новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски.

Повлекување од министерската функција во новиот состав на Владата во петокот најави и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Во ресорот образование треба да биде назначен и нов заменик-министер откако оставака даде Арафат Шабани од движењето Беса.

Заменик-министерот за образование ќе биде од редовите на Алтернатива. Партијата за тоа место го предложи Лулзим Алиу.