Факт е дека новата бугарска влада наследи проблеми од претходниците, но мојот оптимизам почива на петте точки од нивната позиција. Бугарија инсистира на Република Cеверна Македонија, а не на Cеверна Македонија, истакна специјалниот претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, во однос на предлогот на новиот бугарски премиер Кирил Петков за забрзување на билатералната комуникација и соработката низ повеќе работни групи.
-Промената на учебниците по историја е предвидена според Договорот. Во Договорот е пишано. Тенденцијата е дека тие ќе бидат хармонизирани, не само кај нас, туку и во Бугарија. Сметам дека ќе влеземе во ЕУ со хармонизирани учебници. Историската комисија работи за иднината и генерациите, потенцира специјалниот претставник на владата.
Според него, премиерот Зоран Заев треба да остане на функцијата, затоа што, како што вели, тој може да биде дополнителна гаранција на она што ќе го договориме со новиот бугарски премиер Кирил Петков.
-Заев најавува дека 15 јануари е периодот до кога тој би бил премиер. Ние очекувавме во тој период да го направиме максималниот исчекор. Тргнувајќи од тоа што го гледав во измината година, знаејќи сè што во изминатите четири години правеше Заев, сметав и сè уште сметам дека тој може да биде дополнителна гаранција за исполнување или имплементација на сето ова што дополнително би го договориле, изјави Бучковски.
Тој оцени дека и кај нас и кај Бугарите недостасува довербата.
-Тоа е главниот проблем ако ја читате и претпочитате нивната фамозна декларација која ни создава сериозни проблеми во изминатите две години. Ние тврдиме дека со таа декларација западнавме во овој ќор сокак од кој не може да излеземе. Тие тврдат дека тоа било провоцирано од наша страна заради тоа што Историската комисија не работела според нивните очекувања, изјави Бучковски.
Comments are closed for this post.