Сметам дека наскоро ќе добиеме нова влада, повторно предводена од Зоран Заев со тоа што ќе се сменат шест-седум министри, рече денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој вели дека реконструкцијата на владата е добра и треба да има одредена промена на кадрите. За реконструкцијата на владата ќе се преговара со коалициските партнери, а тоа може да биде комплицирано за распределба на нови ресори.
-Јас сум целосно ослободен од тоа дали ќе бидам на новата листа. Сметам дека резултатите го дефинираат тоа кој ќе остане, а кој ќе замине, посочи Битиќи за Утрински брифинг.
Според него, сите треба да се преиспитаат зошто власта изгубила на локалните избори.
-Сите во владејачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен. Секој разумен политичар ќе се преиспита после ова. Одлуката на ДУИ е нивна одлука, но не е штета за владеењето ако има нови кадри оти тие носат нови решенија, вели вицепремиерот за економија.
Тој вели дека Владата не функционира нормално веќе три месеци поради локалните избори и работата на сите институции е сведена на минимум.
-Ние овој период требаше да го донесеме Буџетот, ни претстои криза со пандемијата, имаме економска криза, а енергетската криза е нов момент, така што сега не е моментот да не се работи со полна пареа.
СДСМ со денови најавува зголемување на парламентарното мнозинство, откако опозицијата поднесе иницијатива за гласање на недоверба, која не им помина во Собрание и откако еден од коалиционите партнери во Владата, Движењето Беса најави дека се повлекува од владата.
Comments are closed for this post.