Унгарскиот премиер Виктор Орбан се обрати на голем собир во спомен на два важни настани од унгарската историја – годишнината на револуцијата против комунистичката диктатура од 1956 година и бруталната полициска пресметка со демонстрантите на партијата „Фидеш“ во 2006 година.
Протестите избија по објавувањето на аудио снимки од седница на левичарската влада на Ференц Ѓурчани, во кои се слушна како премиерот признава дека го лажел народот за катастрофалната економска состојба во земјата. Десетици илјади граѓани излегоа на масовните протести, предводени од „Фидеш“ на Орбан, при што полицијата на Ѓурчани користеше гумени куршуми врз граѓаните. Еден човек загуби око, а стотици беа ранети. Поради јавниот револт од бруталниот однос кон граѓаните, Ѓурчани поднесе оставка следната пролет.
Од една страна беа гасните гранати, гумените куршуми, тајната полиција и водените топови. Од друга страна беше нашата измамена и понижена нација, принудена да слуша лаги од утро до вечер. Денеска го бележиме денот кога унгарската нација се пронајде себеси, а унгарското име повторно ја доби старата слава. Во 2006 година новата генерација комунисти година повторно се судри со Унгарија – изјави Орбан.
На истиот ден во 1956 година, Унгарија беше првата од европските нации окупирани од комунистите по Втората Светска Војна која се крена на востание. Клучната фаза на востанието почна на 23 октомври 1956 година, а две недели подоцна тоа беше задушено од страна на Советскиот Сојуз, при што меѓу 2.500 и 3.000 Унгарци беа убиени, а над 200.000 принудени да побегнат од земјата.
Во клучни моменти се гледа кои сме и што сме. Тогаш се покажува колку вреди една нација – дали ќе седи покорно или ќе излезе на протести, дали ќе се помири со судбината или ќе се побуни и ќе се бори за тоа што е правично. Ние Унгарците го направивме вистинскиот избор. Се кренавме, протестиравме и се боревме против советската власт. Време е Брисел да разбере дека комунистите не можеа да не контролираат. Ние сме песок во машината, прачката во тркалото, ние сме Давид со кого Голијат не сака да се плетка. Во 1956 година му брцнавме во окото на комунизмот и бевме првите кои го напукнаа Берлинскиот Ѕид. И по трет пат ќе се покаже дека Унгарците се во право – изјави Орбан, алудирајќи на актуелните борби со Европската Унија за зачувување на суверенитот, по прашањата на образованието и миграцијата.
Зборувајќи за претстојните парламентарни избори во 2022 година, Орбан предупреди дека левицата, притаено водена од истиот Ѓурчани, останала непроменета.
Претходната влада ја укина 13-тата пензија и програмите за социјална помош на семејствата. Тие втурнаа стотици илјади семејства во стапица наведувајќи ги да земат заеми од меѓународни банки. Ја распродадоа целата држава, аеродромите, националните претпријатија и јавните сервиси – и тоа на странци. Следниот чекор откако ја банкротираа земјата и беше да ни ја стават јамката на ММФ околу вратот. Но, ние го кренавме гласот, се спротиставивме на гумените куршуми, на солзавецот, на полицајците кои јуришаа на нас со коњи, пукаа во глава и тепаа незаштитени жени. Ни требаа години да го расчистиме хаосот кој ни го остави претходната левичарска влада, но успеавме да ја кренеме Унгарија на нозе. За среќа, националното единство се одржа и работниците, инженерите, земјоделците, малите и средни претпријатија, научниците, учителките, сестрите и докторите го исчистија хаосот. Создадовме милион нови работни места, ги отплативме долговите, ги намаливме даноците, ја зголемивме економијата за еден и пол пат и сега минималната плата е повисока од просечната плата во времето на социјалистите – истакна Орбан.
Comments are closed for this post.