Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот предизборен митинг во Кавадарци во однос на промената на името на Македонија истакна дека Зоран Заев предавството го објаснува како храбар чин и му порача на Заев дека не е храброст да направи глупост и да се сети зошто никој пред него не го направи тоа.
– Не е храброст да направиш глупост од која ќе страдаат народот и државата, но Заев не ја знае разликата. Со реченицата дека ниеден челник немал храброст да го реши спорот значи дека Заев ги обвини Глигоров, Црвенковски и останатите дека немале храброст да го предадат најскапоценото, македонското достоинство и името. Епа Заев сети се зошто никој не го потпиша тоа што ти го потпишуваше, истакна Мицкоски.
Мицкоски му порача на Заев дека храброст и патриотизам не е предавство туку заеднички патриотизам со кој граѓаните ќе бидат обединети, ќе имаат подобри можности и подобра иднина, и кога граѓаните и државата ќе нижат успеси и победи, а не како сега само понижувања кои ги приредува власта на СДСМ.
– Победа е да направиме спротивно од овие 30 години. Победа е заеднички да рушиме ѕидови. Победа е кога ќе спасиме 14 човечки животи. Победа е да се почитуваме дури и тогаш кога сме различни. Победа е да создадеме вредности, да создадеме принципи. Победа е да има одговорност кога треба, и кога можеме да кажеме да направивме сè што можевме. Треба да градиме заеднички патриотизам, модерен, обединувачки. Заедничкиот патриотизам е да ја победиме заедничката мака, да создадеме заедничка иднина. Да се разбираме едни со други. Да покажеме дека политичарите од власта ги немаат гласовите во џеб, туку треба макотрпно да работат и поддршката да ја заслужат, рече Мицкоски.
Заеднички патриотизам е народот да има повеќе пари во џебот, да има повеќе можности за развој. Да носиме добри вести низ регионот, да се радуваме на новите работни места.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ работи на таква иднина која ќе донесе подобро утре, повеќе можности, нова иднина, промени, проекти и победи.
– Програмите на ВМРО-ДПМНЕ содржат вкупно 14 835 проекти од различни сфери и области и се решенија за реалните проблеми на народот. Реконструкција на 2000 улици низ цела држава. Градба или реконструкција на 100 градинки, 150 училишта. Инвестиции во животната средина и градба на нови 150 паркови. Инвестиции во 60 објекти на културата, 90 спортски сали за младите. Гасификација за понапредни општини и многу други конкретни дела кои ги нудиме. Ова е тоа што ги плаши, рече Мицкоски.
Мицкоски ги повика граѓаните на 17 октомври да излезат и да дадат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ, за иднина на промени, проекти и победи, иднина за која вреди да се бориме и со која ќе се гордееме.
Comments are closed for this post.