Бугарите во Македонија во Уставот на РСМ да бидат запишани како државотворен народ.
Ова, меѓу другото, го бараат Бугарската национална платформа и Фондацијата „Македонија“, кои на заедничка прес-конференција изразија загриженост од тоа што, како што велат, во последните 30 години Бугарија на никаков начин не е присутна во РС Македонија и не ги штити интересите на Бугарите, кои живеат таму.
Како што пренесува Трибуна.мк, двете невладини организации ја повикале државата Бугарија да се ангажира со проблемите во РС Македонија, бидејќи процесите се уште не станале неповратни. Тие се категорични дека двете земји треба да си подадат рака, да го признаат своето заедничко минато и секоја да оди по својот пат.
-Сѐ уште можеме да го фатиме последниот воз, но ако не го направиме тоа Белград ќе успее по век и половина да ги откине македонските земји од Бугарија, изјавија претставниците на двете невладини организации и објаснија дека поради таа причина се обединуваат.
Двете невладини организации презентираа и неколку лоши практики поврзани со пописот, што моментно се одвива во РС Македонија. Уште во март 2020 година биле констатирани 36 случаи на граѓани од Македонија, кои биле повикувани од власта, бидејќи сакале да се декларираат како Бугари. Истите биле заплашувани да не го прават тоа, бидејќи Бугарите биле историски непријатели на Македонците. Двете организации објавија дека во моментот се води кампања од организации кои тврдат дека се бугарски, лицата кои се изјаснуваат како Бугари да не се декларираат како такви, бидејќи немало разлика помеѓу Македонците и Бугарите и не е дојдено времето за тоа. Од двете невладини организации се категорични дека Бугарија и бугарското општество не направиле ништо за да ги подготви Бугарите во РС Македонија за пописот.
Comments are closed for this post.