Со симболика почна и со симболика заврши второто судење за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, што според обвинението првично беше посветено на нивните „организатори“, а финишираше како организатори на протестите, чија цел, наводно, била по секоја цена да се спречи изборот на претседател на Парламентот.
Обвинителката Вилма Русковска на почетокот на судењето своето обвинение го заврши со мисла од Гоце Делчев.
-Да ги завршам овие воведни зборови со мисла од големиот Гоце Делчев: Историјата не памети друг таков пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на толку различни страни. Една од друга потуѓа, рече тогаш Русковска.
Вчера, пак, адвокатот на Миле Јанакиески, Дончо Наков, во своите завршни зборови потсети на ова, додавајќи дека „сега Гоце Делчев веќе не е наш“. Но, потсети и на монтираното судење на Методија Андонов-Ченто и неговите обвинители и судии Панта Марина, Лазар Мојсов, Коле Чашуле и Благоја Поповски.
-Ченто го осудија на 11,6 години затвор затоа што, наводно, сакал да побегне во Грција и од таму да замине на мировна конференција во Париз за да се залага за самостојна држава Македонија. Но, Ченто денес е единствена личност на која со консензус на сите чествувања присуствуваат претставници на сите политички партии, изјави Наков.
И во оваа симболика се огледа сета актуелна сегашност. Не само политичка, туку и обвинителска, и судска. Зашто, дадениот историски контекст за судењето за 27 април во целост ја отсликува поделбата на „еден ист народ“ и 100 години подоцна, но ги отсликува и методите, средствата и начинот на работа на обвинителството, кои не се разликуваат од тие што биле користени пред 70 години. А, дали тоа ќе важи и за судот, останува да видиме на 26 јули, кога ќе треба да ја објави пресудата.
Реално, судот има златна можност токму на ова судење за „27 април“ конечно да се ослободи од стегите и на обвинителството и на политиката, и конечно да манифестира самостојност и независност во одлучувањето. А, таа самостојност и независност има само еден излез-ослободителни пресуди за сите четворица обвинети Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Владимир Атанасовски. Сè друго ќе биде голо политиканство, потврда на катастрофалната слика за него и носење нарачани пресуди, оддалечување од европските вредности за владеење на правото и функционирањето на правната држава, па ако сакате и од ЕУ. И, што е можеби најстрашно, продолжување со поигрувањата со човечките судбини, но и на волшебниот круг на реваншизам и одмазда!
И ова не е гледање на процесот низ некаква политичка диоптрија, туку чиста реалност. Зашто, менувањето на обвинението во завршните зборови на обвинителката Русковска и нејзиното отворено признание дека за првичното не успеле да пронајдат докази, повеќе од јасно говори дека и целиот предмет воопшто бил започнат без елементарни докази, што ќе рече бил чиста импровизација!? Па затоа и одбраната со право забележа дека речиси 90% од доказниот материјал на обвинителството потекнува од првиот процес. Но, загрижува фактот што одбраната во неколку наврати аргументирано, со докази и факти, докажа дека обвинителството нечесно и не етички манипулирало и креирало и изјави на сведоци, и кроело за свои потреби СМС комуникации, па и цели непостоечки комуникации и настани!? Дефинитивно, одбраната го порази обвинителството токму со аргументи, контра-аргументи, докази и контра-докази, како вербални, така и материјални, што за свои потреби ги користеше токму обвинителството!
Значи, одбраната буквално ги сруши сите наводи на обвинението и на обвинителството. Но, покрај овој клучен факт, на страната на обвинетите одат уште неколку други адути. Покрај изменетото обвинение во последен момент, тука влегува и постоењето на веќе постоечки пресуди врзани за настаните од 27 април и утврдени фактички состојби, што не можат да бидат преиначени, зашто се влезени во правниот промет. Натаму, Законот за амнестија донесен од Собранието токму за настаните од 27 април и со него се утврдени точни позиции, кои не носат вина, но при одредувањето на лицата кои беа или не беа амнестирани се изнесени поединечни мислења на обвинителството, што сега имаат соодветна правна тежина и значење. И конечно, тука влегуваат и Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, како и досегашната пракса на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, чија суштина е дека не може да има различен третман за различни лица, а се поврзани со ист настан.
За разлика од првото судење, на ова второто, на судечкиот совет и на судијата Илија Трпков не може ништо да му се забележи, зашто максимално коректно го водеа целиот процес. И тоа отворено го признаа и одбраната и самите обвинети, што секако е за поздравување. Сега се чека нивниот последен разумен потег-ослободителна пресуда за обвинетите. Тие можат да бидат се, само не организатори на терористички акт.
Comments are closed for this post.