Туристичко-угостителскиот сектор денеска напладне ќе протестира пред Министерството за финансии се до исполнување на нивните барања. Бараат еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада, како и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции.
Туристичко-угостителскиот сектор се наоѓа во исклучително тешка положба, а за негов спас е потребна сериозна и континуирана финансиска помош каква што не е обезбедена до сега.
-Со протестот сакаме јавно да го покажеме незадоволството од ситуацијата во која се наоѓаме, но и гласно и јасно да предупредиме дека уништувањето на овој сектор треба да се гледа и низ призмата на загуба на сериозна бројка на работни места, како и затворање на многу деловни субјекти од кои егзистираат цели семејства, истакнаа на вчерашната прес-конференција претставниците на Туристичко-угостителскиот сектор.
-Повеќе од една година чекавме надлежните институции да научат и да отпочнат добро да ја менаџираат корона кризата и да ги разберат нашите барања за поддршка на нашето „преживување”. Наместо тоа, навлегуваме во втора година, во која здравствената криза е полоша во однос на претходната, а полоша е и состојбата во која се наоѓа туристичко-угостителскиот секторот. Се поголем број на претпријатија се затвораат, а вработените остануваат без извор за егзистенција во време на криза и пандемија. Нема време за чекање, поддршка е потребна сега и веднаш за сите, затоа излегуваме на протест на кој ќе останеме се до исполнување на нашите барања. Поддршка ни дадоа сите оние кои на директен или индиректен начин се засегнати со состојбата, оние кои ја сфаќаат безизлезната ситуација во која се наоѓаме, изјави Перица Голомеиќ, од Туристичко-угостителската комора.
Во организацијата на протестот се вклучени околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор, најмногу угостителски објекти и туристички агенции од Туристичко угостителската комора, но поддршка има и од игротеките од Групацијата на забавни и рекреативни дејности, Асоцијацијата на туристички водичи, Движењето за социјална правда ,,Обединети работници” и многу други.
За спас на угостителските дејности се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителските објекти поделени во 3 категории врз основа на бројот на вработени во 2020 година, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада и кои со месеци немаат никаква помош како и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка, се додека не ни дозволи Владата да работиме без рестрикции за нашиот сектор, велат од ТУК.
Туристичките агенции истакнаа барања за еднократна неповратна финансиска помош како и продолжување на рокот на туристичките ваучери кои граѓаните не ги искористија до крајот на 2022 година, а ваучерите од владината мерка „Дома си е дома” да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции за да можат да бидат опфатени хотелите, агенциите, водичите и превозниците.
Comments are closed for this post.