Штотуку завршените парламентарни избори во Бугарија како мала топка сладолед го стопија оптимизмот на премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
И Заев и Османи со нетрпение ги очекуваа изборите за новиот состав на бугарскиот парламент за да ги продолжат разговорите за надминување на ветото на Софија, што во декември го добивме за официјален почеток на пристапувањето на Македонија во членството на ЕУ. Заев обелодени дека со досегашниот премиер Бојко Борисов договориле уште првиот ден, што ќе рече уште денеска да се седне на маса, а Османи во ист стил го најави политичкиот спринт за да се стигнат навреме јунско-јулските самити на ЕУ.
Но, изборните резултати донесоа целосна неизвесност. И тука најмалку е во прашање односот и реториката на политичките партии, што влегоа во новиот состав на бугарскиот парламент, кон Република Македонија. Зашто, национал-шовинизмот и досега беше нивни главен белег, а собраниската резолуција обврска за постигнатиот национален консензус.
Суштинско е што сега се отворени сите опции околу составот на новата бугарска влада, па и можноста за нови парламентарни избори апсолутно стои на маса. Борисов повика на формирање експертска влада, но според првичните реакции ваквиот развој на настаните е тешко да се очекува. Тоа значи дека во наредниот период тешко ќе се знае носителот на политичката одговорност, со кој ќе може да се постигне било каков напредок во разговорите.
Оттука и стравувањето дека оптимизмот на Заев и Османи ќе донесе уште едно нивно разочарување. Зашто, споменатите термини јуни и јули ќе нема ни теориски шанси да бидат „фатени“, што нема да значи ништо друго, освен дека тие ќе останат само пуста желба и ќе значат ново пролонгирање на почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Comments are closed for this post.