Премиерот Зоран Заев и министерката за правда Рената Дескоска попладнево се сретнаа со новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, на која, како што инфомираше Заев, е постигнат заеднички договор за насоките за амандманите. Било разговарано и за за модалитетите за собраниското Координативно тело за помирување.
По средбата, премиерот Заев во изјава за медиумите рече дека темата на денешната консултативна средба беше постапката за подготвување на нацрт амандманите, „да разговараме за првите три точки од вкупно четири што беа испорачани до мене како Претседател на Владата и до Владата на РМ, како правно-формално изготвувачи на нацрт амандманите, за да бидат вградени токму оние елементи што се важни за нив“.
„Можам да констатирам дека во тој дел изнајдовме конкретни насоки за нас како изготвувачи на амандманите во делот на зајакнување на македонскиот идентитет, и во делот на гаранцијата дека процесот до крај ќе биде спроведен и нема да биде блокиран од Грција, односно, гаранција дека уставните амандмани ќе влезат во сила по ратификацијата на договорот во грчкиот парламент. Исто така се согласивме и за насоките во делот на употребата на новото име за внатрешна употреба“, рече Заев.
Тој додаде дека сега ќе се работи на амандманите, а пред тие да се официјализираат во парламентот, ќе се консултираат уште еднаш.
„Очекуваме дека до крајот на работната недела ќе ги формализираме во постапка до самиот парламент“, додаде премиерот.
Comments are closed for this post.