Портрети и актови насликани од Лазар Личеноски, а кои се дел од колекцијата на Националната галерија, можат да се видат на виртуелна изложба поставена по повод Денот на жената.

Националната галерија одбележува еден значаен јубилеј – 120 години од раѓањето на Лазар Личеноски (26.3.1901 – 10.4.1964). Виртуелната изложба претставува единствена можност публиката да види некои од уметничките дела на Лазар Личеноски кои се ретко прикажувани, некои од нив и за прв пат во оваа пригода, кои одамна не биле присутни ниту публикувани во нашата јавност.

Лазар Личеноски е основоположник на современата македонска ликовна уметност. Бил професор во Уметничкото училиште во Скопје, кое денес го носи неговото име. Неговото сликарство го одразува нашето поднебје, преку колоритот и најпознатите негови пејзажи на афиони, галички бачила, Охрид и многу други. Изложбата опфаќа избор од дела, портрети и актови, вклучувајќи студии работени во јаглен, цртежи уште од студентските денови, масла на платна, масла на лесонит, шпер, картон.

 

извор Слободен печат