Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица беа доделени наградите на најдобрите карикатуристи и афористичари и беше отворена изложбата од 22. Меѓународен фестивал на тема „Карневал и еротика“, кој се одржува во рамки на годинашните симболични карневалски денови во Струмица.

Претседателот на жирито, Ристо Филчевски, објави дека златни плакети за најдобра карикатура и афоризам добија македонскиот карикатурист Миро Ѓеоргиевски и афористичарката Нада Караџиќ од Србија.

Сребрена плакета за карикатура доби Луис Нол од Австралија, а бронзена плакета Горан Ќеличанин од Србија. Награда од Струмичкиот карневал доби Миле Манчевски од Северна Македонија, а дипломи им се доделени на четворица карикатуристи.

Во категоријата афоризам сребрена плакета жирито му додели на Александар Чотриќ (Србија), а бронзена плакета на Владислав Влаховиќ од Црна Гора. Награда од Струмичкиот карневал доби македонскиот афористичар Васил Толевски, а дипломи добија пет афористичари и членови на Клубот на млади афористичари од Струмица.