ВМРО-ДПМНЕ  денеска ќе го достават до Собранието предлог-законот за амнестија на сите инволвирани во случувањата во македонскиот законодавен дом од 27 април минатата година. Ќе се бара тој да биде донесен по скратена постапка.

Потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски викендов изјави дека предлог-законот за амнестија е веќе изготвен и денеска треба да биде поднесен до Собранието. Текстот ќе го достават пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ и сите останати, како што истакна Арсовски, ќе имаат можност да го прифатат.

-Ако намерите на СДСМ се искрени, сега е моментот да го изгласаат и да го тргнат товарот од сите луѓе што беа во случувањата на 27 април, нагласи Арсовски.

За СДСМ ваков закон е неприфатлив и го сметаат за мешање во работата на судството. Нивниот став е дека ова прашање треба да се реши преку Комисијата формирана во Собрание.

Истовремено денеска во Кривичниот суд продолжува судењето за настаните во Собранието на Македонија на 27 април минатата година.