Дали е според закон изградбата на деветкатницата пред „Мајчин дом“ во општина Аеродром, ќе пресече Уставниот суд.

Во среда Уставниот суд ќе  ја оценува законитоста на планот во Аеродром .

Градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин  посочи дека единствено Уставниот суд може трајно да ја сопре изградбата на деветкатницата пред „Мајчин дом“ со поништување на овој урбанистички план.

Марин вели  дека обесштетувањето на инвеститорот ќе значи комплетен краџ на буџетот на општината.

„Од она што засега го имаме пресметано, само за трошоците за земјиште и комуналии треба да му се вратат околу 5,5 милиони евра. Дополнително, инвеститорот ќе бара отштета за досегашните инвестиции, за одржување и кредити кои, според информациите што тој ги пласира во јавноста, се многу високи. Доколку се оди во насока на обесштетување, инвеститорот би можел да побара сума и двојно поголема од првичните 5,5 милиони евра. За илустрација, Општина Аеродром во моментов има на располагање околу четири милиони и 800.000 евра, а нашиот основен буџет за цела 2018 година изнесува околу девет милиони евра“, појасни Марин.

Етеми не се откажува од изградбата на зграда. Не прифаќа нова локација, соодветна за неговата инвестиција. Им вети на аеродромци милион евра за обновување на зеленилото.

„Деталниот урбанистички план е донесен од минатите власти, а јас сум ги добил сите дозволи и сум ги платил сите комуналии и давачки кон општината и не може да ми се забрани уставно загарнтираното право да управувам со мојот имот“ , вели Етеми.

Иако градежните активности се уште се во мирување, поради привремената забрана од општина Аеродром, тој тврди дека изградбата сепак ќе продолжи, а за досегашните финансиски загуби, кои достигнуваат и милионски суми, Етеми најавува тужби.

Зградата е планирано да биде на осум ката плус поткровје со вкупно 240 станови.