Претседателот Стево Пендаровски смета дека може да се направи компромис за пописот и двете спротивставени политички опции да си подадат рака – власта да се согласи пописот да се спроведе во мај или во јуни, а опозицијата да не го бојкотира. „Со ова се обидувам да направам мост меѓу двете политички опции. Тврдам дека политичката поларизација ја уназадува нашата држава повеќе од се друго. Проблем ли е да ги повикаш твоите да не прават бојкот или пописот да биде во мај или јуни. Да си подадеме рака. Не гледам причина зошто пописот да не се одложи за месец или два. Сосема легитимни се барањата од аспект на здравството. Ако сме чекале 20 години, нема да е грев да биде во мај или јуни“, рече Пендаровски во вчерашното гостување на ТВ 24. Бојкотот на пописот, оцени Пендаровски, на ВМРО-ДПМНЕ може само да и нанесе повеќе штета.

ВМРО ДПМНЕ веднаш реагираше дека предлогот на Пендаровски е задоцнет. ВМРО-ДПМНЕ, како што вчера најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, од денеска ја започнува постапката за одложување на пописот на населението, а формалното собирање на потписи од граѓаните ќе започне идниот месец. Тој ја повика власта да не ги изложува граѓаните „на ризик од заразување со ковид-19“ и го повтори предлогот барем да се прифати комплетно електронско спроведување на пописот.