Во организација на Институтот за социо–културна антропологија по деветти пат во Охрид од денеска се одржува Меѓународната научна конференција „Охрид – Водици 2021″, овојпат тематски посветена на актуелната реалност наметната од коронавирусот, под наслов „Културното наследство, животната средина, научните истражувања и туризмот под услови на пандемија”.
Во име на Министерството за образование и наука што е поддржувач на научната конференцијата пред учесниците се обрати Светлана Пинева, која нагласи дека токму науката и истражувањата се двигател на општеството, императив на денешницата и предуслов за развој на државата.
Според Пинева, мултидисиплинарниот карактер на овој собир дава природен спој на културното наследство и неговата дигитализација, бидејќи создавањето дигитален систем на знаење придонесува не само кон заштита на ова наследство, туку и кон видливост на науката во национални и глобални рамки. Истовремено се акцентираат животната средина и туризмот, ставени во истражувачка рамка на новите научни предизвици нов новата актуелна околност наречена Ковид-19.
Оваа нова пандемиска реалност силно ја предизвикува науката во светски размери да воспостави една нова парадигма на глобално отворена наука, транспарентна наука, наука управувана од податоци, наука водена од истражување, емпирија, наука која ќе овозможи лесна достапност и брза циркулација на податоците, рече Пинева.
Во поздравното обраќање до учесниците градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески им заблагодари на научниците што и во време исполнето со предизвици изнашле начин да ја продолжат традицијата, макар и виртуелно, да бидат тука Охрид за време на големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во овие периоди кога не постои дејност што не е погодена од Ковид-19, навистина претставува предизвик за еден град како Охрид, кој изобилува со културно-историско богатство во кој главна дејност е туризмот, да успее да продолжи сето тоа да го негува и развива. Се надевам дека од оваа конференција ќе произлезат идеи што ќе бидат од големо значење за постојана валоризација, заштита и презентација на културното богатство на вечниот Охрид, рече Георгиески.
На дводневниот состанок, што се одржува во коорганизација со Социјалната организација за поддршка на проучувањето на културното наследство од Баку (MIRAS), списанието „Руски политички науки” од Москва и списанието „Журнал за глобални процеси” од Мајами по пат на видео-врски свои излагања ќе имаат еминентни експерти од областа на културното и природното наследство.
Предвидено е во рамки на собирот да се одржи тркалезна маса на тема „Дигиталните технологии во заштитата на културното и природното наследство, промоцијата на еко-туризмот и поддршката на научните работници за време на Ковид-19 пандемијата”.
Како новитет се очекува од конференцијата да произлезе „Меморандум за заштита историското, културното и природното богатство за време на Ковид-19 пандемијата”, со повик институции и научници низ светот да го поддржат Меморандумот.
На виртуелниот собир од Охрид ќе презентирани 42 научни труда, од 61 учесник од 12 земји.
Comments are closed for this post.