Услугата да нарачаат преку интернет или телефонски, а нарачката самите да ја подигнат од продавниците, веќе една седмица им е на располагање на Грците, како една од опциите за шопинг во време кога земјата е во карантин и продавниците се затворени.
Поради зголемениот обем на работа на компаниите за достава, кои не можат да постигнат да ги достават навреме сите нарачки, грчката Влада минатата недела ја воведе можноста продавниците да отворат, но само за услугата „click away“, а граѓаните, но и вработените во продавниците во разговор со дописничката на МИА од Атина ги пренесуваат нивното искуство и впечатоците од новата услуга.
Согласно правилата, услугата „click away“ значи направена нарачка, преку интернет или телефонски, плаќање онлајн или со картичка на лице место, но не и со готовина и подигање на нарачката во специјално одреден простор, на отворено, пред продавницата, без можност за пробување и со забранет влез.
Вработените и сопствениците коментираат дека во никој случај прометот не може да се спореди со оној кога продавниците работат регуларно, додека пак муштериите кои ја користат услугата велат дека од една страна е полесно бидејќи ги избегнуваат компаниите за достава и многу побрзо го имаат во раце посакуваниот производ, но од друга страна, како проблем го посочуваат тоа што не постои можност да се пробаат обувките, облеката и сл.
Купувам само конкретни работи за кои сум сигурна дека нема да направам грешка околу бројот. Овој период претежно работите се наменети за подароци за најблиските, вели Гркинка додека ја подигнува направената нарачка.
Не би рекла дека можеме да кажеме дека сме задоволни од прометот во изминатите денови. Слаб е одѕивот, некако очекувавме поголема заинтересираност, вели сопственичка на мал бутик во разговор за МИА и додека го пренесува нејзиното искуство со новата услуга, момче кое го разгледува излогот, бара информации како може да ги купи изложените панталони.
Сопственичката му објаснува дека треба телефонски или преку официјалниот сајт да направи нарачка, по што ќе добие смс порака со терминот кога ќе може да ги подигне панталоните.
Вработена во друг бутик пак објаснува за МИА дека доста често се соочува со муштерики кои инсистираат додека се пред продавницата да го купат она што го виделе во излог.
Најдовме решение и за ваквите ситуации. Додека се пред продавницата, еве тука пред мене, како што стоите вие, им кажуваме да се јават на нашиот број, да ги запишеме податоците, веднаш потоа им испраќаме смс порака. Мораме и да им излеземе во пресрет на граѓаните, но и да ја почитуваме законската процедура, објаснува вработената.
Во редицата пред продавниците не смее да има над девет лица, со најмалку два метри растојание меѓу нив, а за подигнување на нарачката, граѓаните ќе добиваат потврда со податоци на продавницата и точно закажан термин, а паралелно, поради забраната за движење ќе треба да испратат и смс порака со која ќе го оправдаат нивното излегување од дома.
Редици нема, бидејќи во еден час закажуваме по девет термини, брзо оди подигнувањето, бидејќи мнозинството веќе имаат платено преку интернет, вели вработен во продавница во центарот на Атина.
Comments are closed for this post.