И во македонските и во бугарските историски учебници има простор за подобрување, вели претседателот на македонскиот тим во заедничката историска Комисија, Драги Ѓоргиев, во интервју за Дојче веле.
Јас би бил задоволен доколку работата на Комисијата резултира со правење на нови учебници по историја во нашата држава, не затоа што тоа го бара Бугарија, туку затоа што навистина има потреба од нивно подобрување – вели Ѓоргиев.
На прашањето дали Комисиите ќе можат да продолжат со работа ако и понатаму се повторуваат истите причини поради кои досега не се согласуваа македонските и бугарските историчари, Ѓоргиев објаснува дека евентуалното прекинување на разговорите дополнително ќе ги зголемат длабоките недоразбирања.
Поради тоа сметам дека разговорите треба да продолжат. Всушност, дебатите кои се отворија во двете општества за теми, за кои до пред неколку години воопшто не се зборуваше, и во кои се вклучија и други експерти и интелектуалци, се еден од позитивните резултати од работата на Комисијата. Без оглед што понекогаш тие се исполнети со силни емоции и страсти, мислам дека тоа е добро за двете општества. На последната средба работевме во пристојна академска атмосфера, како и секогаш досега. Главниот проблем остануваат големите разлики во пристапот кон толкувањето на историските процеси, настани и личности, и секако, пристапот кон сфаќањето и правењето на препораки за учебниците. Присутна е тенденцијата бугарските забелешки кон македонските учебници да бидат конкретизирани во духот на нивниот наратив и тој да биде наметнат како единствен. Тоа особено дојде до израз во дебатата за Цар Самуил, наспроти нашиот пристап на мултиперспективност, кој овозможува на учениците да развијат критичко мислење. Се разбира, тоа важи за настани каде мултиперспективноста може да се примени – објаснува Ѓоргиев.
Потпретседателотна ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изнесе гласини дека наводно се врши компромитација врз членови на Комисијата, со цел да бидат заменети со други членови кои ќе можат да преговарат во полза на барања на Заев, но Ѓоргиев тврди дека такво нешто засега не се случува.
Во овој момент немам такви информации, ниту до мене дошле такви сигнали. Но, Комисијата е владино тело и не можам да претпоставам како во иднина ќе се одвиваат работите, но во моментов такво нешто не се случува – посочува тој.
Comments are closed for this post.