Со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој се наоѓа во посета на БиХ се сретна само претставникот на Република Српска Милорад Додик
Членовите на претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ одбија да присуствуваат на состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој се наоѓа во посета на БиХ и со него вчера се сретна само претставникот на Република Српска Милорад Додик.
Комшиќ во посебно обраќање образложи дека одлуката ја донеле бидејќи Лавров ја претставува Русија, која не ја почитува државата БиХ и нејзините институции.
На сите им е јасно дека господинот Лавров како министер за надворешни работи, е меѓу тројцата најдобри, ако не и најдобар, светски дипломат. Човек со толку искуство, толку голема моќ зад него чии потези и активности се секогаш целосно испланирани, особено во јавноста, секој потег испраќа пораки. Но, она што досега сме имале можност да го видиме од неговите посети во БиХ, не се лични пораки, туку на земјата што тој ја претставува. Тоа што немаше државно знаме на состанокот со Додик не е протоколарна грешка, бидејќи тимот што стои зад него е совршено информиран. На ова гледаме како на еден вид омаловажување и негирање на институциите на земјата во која тој престојуваше во официјална посета“, рече Комшиќ.
Како втор пример тој ја наведе и изјавата на Лавров со која тој ја поздравува одлуката на собранието на РС за воена неутралност, иако како што вели Комшиќ, рускиот министер како искусен дипломат треба да знае дека ваква одлука носат само инсттуциите на БиХ.
Според него, поради овие два примери, тој смета дека „за жал“ Лавров покажал непочитување на институциите и уставниот систем и државата БиХ.
„Нашата заложба е да имаме најдобри односи со Руската Федерација, но исто така очекуваме сите оние што ја претставуваат Русија да ја почитуваат БиХ. За да бидат работите уште полоши, позицијата на портпаролката на Лавров на социјалните мрежи што е своевидна закана. Ова е нешто на што не можеме да ги градиме нашите односи со Руската Федерација. Не можеме да ги споредиме Русија и БиХ според моќта и силата, но можеме да им покажеме на луѓето кои тврдат дека се наши пријатели дека очекуваме да ги почитуваат институциите на оваа држава и одлуките донесени во согласност со уставот, а не да ја третираат РС како независна држава. Од таа причина, со жалење, беше донесена одлука да не му бидам домаќин“, смета Комшиќ.
Comments are closed for this post.