Полицијата спречи влегување на демонстрантите во зградата на владата во Тирана, за време на протестот на стотици Албанци поради полициското убиство на 25-годишниот Клодијан Раса, кој го прекрши ноќниот полициски час и не запре на барање на полицијата.
Демонстрантите организираа протест, и покрај дождот, со што ја прекршија забраната за собирање повеќе од десет лица која е воведена поради пандемијата на вирусот корона.
Во судирите што се случија додека демонстрантите се обидоа да влезат во комплексот на албанската влада, каде што е кабинетот на премиерот Еди Рама, полицијата употреби солзавец.
Портпарол на полицијата во Тирана изјави дека најмалку девет полицајци се повредени и дека демонстрантите оштетиле неколку полициски возила.
Демонстрантите тврдат дека протестот не е политички, но меѓу насобраните имало и приврзаници на албанската опозиција, јавува АП.
Клодијан Раса беше застрелан синоќа откако не одговори на барањата на полициските службеници да застане поради нарушување на ноќниот полициски час.
Неговата сестра Сибора на локалната телевизија изјави дека нејзиниот брат излегол само да купи цигари, но недалеку од куќата, полицаец пукал кон него и го убил.
Ние сакаме да знаеме зошто е убиен мојот брат, зошто неговата крв е на куќниот праг, рече сестрата на убиениот Раса.
Додека траат протестите, премиерот на Албанија, Еди Рама, е во Америка на средби со претставниците на компанијата Фајзер, со која се обидува да постигне договор за набавка на вакцината.
Во Албанија се воведени ограничувања на јавни собири, задолжително носење заштитни маски и ноќен полициски час, поради пандемијата.
Comments are closed for this post.