Недоволниот број на кревети и лекари и масовниот пораст на инфекции со коронавирус ги доведоа болниците на Балканот на работ на колапс, а хаотичните сцени потсетуваат некои здравствени работници на војните во 90-тите, објави агенцијата „Франс прес“.
Откако коронавирусот повеќе или помалку се држеше под контрола речиси една година, се оствари црното сценарио за кое Балканот стравуваше уште од почетокот на пандемијата. Во тешко погодената Босна и Херцеговина, доктор за „Франс прес“ изјавил дека мора да „жонглира“ меѓу неколку пациенти чии животи висат на конец. Докторот кој побарал да остане анонимен вели дека се во состојба да бираат, и дека од пет пациенти можат да помогнат само на тројца.
На Балканот, бројот на починати се зголемил двојно во изминатиот месец на речиси 10.000. Кризата открива дупки во здравствените системи кои се загрозени од лошо финансирање и кризата на одлив на мозоци, пишува „Франс прес“.
БиХ, Македонија и Црна Гора се во првите десет европски земји со најголема стапка на смртност според бројот на жители. Сепак, владите во регионот не сакаа да се вратат на драстично затворање, како на почетокот на пандемијата. Наместо тоа, тие се одлучија за мали ограничувања, како порано затворање на рестораните, пишува „Франс прес“.
Иако напредокот во развојот на вакцините им дава надеж на лекарите, тие се плашат од хаосот што може да се настане во меѓувреме.
Comments are closed for this post.