„Акл се набива на умен човек. На прост човек к*р се набива! Тој не може да поеме акл, може да поеме един к*р. Като се трови, като му се ебава мајката и така нататак“.
Ова беше содржината на една тајно снимена аудио-снимка од телефонски разговор меѓу бугарскиот премиер Бојко Борисов и неговиот колега министер Томислав Дончев, што беше во центарот на вниманието на бугарската јавност кон крајот на јули и почетокот на август годинава, кога во Софија се подготвувааа и почнаа да се одржуваат масовните антивладини протести. А, се однесуваше на „бугарскиот летец“, зад што се криеше името на бугарскиот претседател Румен Радев.
И во отворено писмо до бугарскиот премиер од 2 август, кое навистина не знам дали го прочитал или не, што впрочем и не е важно, го прашав „какво ште му набива на нашија тапанар“, кој не е летец, но за себе самиот вели дека скопјани го умреле со тоа дека бил сељак.
Да, така пишував на 2 август. И еве, не требаше да помине многу време за да го дознаам одговорот. Сега навистина знам „какво му наби Борисов на нашија тапанар“.
Бугарија конечно одлучи да стави вето за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Иако до крајниот термин, финишот на декември, има уште цел месец, останува отворено прашањето дали воопшто може да се верува на целиот оптимизам и надеж, што на отворена сцена ни ги продаваат и старо-новиот угледен, достоинствен и честит премиер и неговите најблиски соработници.
За причините за бугарското вето не вреди да се троши ни ред, зашто се надвор од здравиот разум и логика и искрената желба за пријателство и добрососедство. Впрочем, ова не е првпат официјалната бугарска политика да паѓа на испитот наречен Македонија, со или без било каква географска додавка во нејзиното име. И тоа ќе се одрази меѓу обичните луѓе колку и да сакаат владејачките политички елити од двете страни на границата да ги минимизираат работите.
Но, тоа што зачудува е каде исчезна (ал)хемијата меѓу двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов?! Па, колку до вчера беа „браќа и пријатели“! Дури, во својата изјава од 11 октомври годинава Заев изрази неверување и остави простор Борисов да не размислува исто со неговата министерка за надворешни работи Екатерина Захариева алијас Катја Полувелика (така ја именуваат опозициските медиуми во Бугарија), на која и падна задачата да ни ја соопшти лошата вест за подготвуваното вето. Како воопшто да постоеше таква можност Катја да размислува, работи и говори нешто, што не е ускладено со нејзиниот шеф.
Ете, сега се потврди дека и Бојко го мислел истото. И што од тоа? Ништо. Освен што добивме еден „разочаран љубовник“ во ликот и делото на старо-новиот премиер Зоран Заев.
И тој, Заев, сега се прави како да не е од тука. Ќе не залажува со некаква награда од фондацијата „Фридрих Еберт“, ќе ги обвинува бугарските политичари, ќе ја обвинува домашната опозиција, ќе ја впрегне добрата стара УДБ-а колку уште еднаш да потврди дека комунистите се прво националисти, па потоа комунисти и ќе бара мал милион начини да избега од неминовната политичка одговорност.
Зашто, таа паѓа само врз него и неговите директни соработници дипломати, во прв ред Никола Димитров. османи не го ставам во овој контекст, зашто тој дојде на наследени проблеми.
Еве, јавно прашувам дали Димитров не се чувствува предаден со нож в грбот од неговата колешка Катја Полувелика? И дали тоа веќе не го споделил јавно уште зимата минатата година, но за жал не и пред неговиот шеф, премиерот Заев, кој со суровата реалност се соочил некој месец подоцна?
Во едно од неговите последни телевизиски интервјуа Димитров, меѓу другото, ќе рече дека почетокот на преговорите за членство во ЕУ го сфаќа како своја лична мисија. Но, од таа негова мисија да не остане само мисионерската поза?!
Кутриот Заев. Тој веќе делува изгубено и таквата слика за него не може да ја ретушираат никакви награди, признанија или оценки за државнички говори од неговите медиумски питбули. А, за најавите за подготвување на народот за лошата вест од Софија и да не говориме.
Каде беа Заев и Димитров да ги предвидат сите последици, што можеа да се насетат од асиметричниот Договор за добрососедство со Софија? Каде беа да проценат на што ќе стават потпис? Каде беа да го согледаат значењето на поимот „заедничката историја“? Каде беа да реагираат на прозивките од Бугарија за непочитување на Договорот? Каде беа да реагираат на носењето на Декларацијата од страна на бугарското Народно собрание со која, фактички, се девалвираше Договорот и се поставија новите услови за Македонија и Македонците? Каде беа кога Декларацијата стигна до земјите-членки на ЕУ? Каде беа…до сега?
Ги немаше никаде и глумеа големи мирољупци и европејци. И досегашниот Белградски синдром се обидоа да го трансформираат во Бриселски или Берлински се едно, што се преточува во девизата НАТО ќе не брани, а ЕУ ќе не храни. А, сето ова зад превезот на се уште непознатата содржина на протоколите за кои историчарите постигнаа согласност и работата на работните групи на двете МНР за надминување на напластените проблеми. Колку и да сакаат да кријат, и од тука ќе почнат да излегуваат „бели мечки“.
Затоа обајцата нека не глумат лудило. Прочитани се како селски буквар.
Па, слушнете само, што вели Заев околу терминот „заедничка историја“. Во рок од два дена различно го толкува. Еднаш вели потпишал за заедничка историја како заедничка историја на цела Европа, а утредента дека имаме заедничка историја како два народа. Разлика како Бог и шеширџија. И знае ли што точно потпишал? Ниту знае, ниту има претстава, ниту пак е свесен за последиците.
На крајот на краиштата, дома и можеш некого да излажеш. Ама надвор, во соседството или во Европа не смееш ниту да помислиш, а камо ли да се обидеш.
Comments are closed for this post.