Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска имаше телефонски разговор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Во разговорот, на кој присуствуваа и заменикот-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, премиерот Заев изрази благодарност за пакетот за проширување и за позитивниот извештај на Европската комисија за нашата земја со кои Брисел потврди дека Северна Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.
Заев додаде дека оваа поддршка има дополнително значење бидејќи е придружена со Економскиот и инвестициски план за земјите од регионот за поддршка на процесот за остварување на европските стандарди на државите од Западен Балкан со аспирации за членство во ЕУ.
Премиерот Заев ја информираше претседателката на ЕК фон дер Лајен и за тековните разговори со Република Бугарија и ги презентираше позициите на Македонија.
Во тој контекст премиерот Заев се заблагодари за личниот ангажман на претседателката на ЕК, како и на сите еврокомесари, особено нагласувајќи го ангажманот на овој план на германското претседателство со ЕУ и за посветеноста да се најде решение, кое ќе биде успех за Македонија, за Република Бугарија, за ЕУ и за Западен Балкан.
Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен од своја страна истакна дека Брисел очекува позитивно решение како заеднички остварен резултат на сите страни за успешна интеграција на Македонија во ЕУ.
Претседателката на ЕК уште додаде дека Македонија е успешен и позитивен пример за Западен Балкан за остварените реформи, за постигнатите договори со Грција и Бугарија, и за лидерството во регионалната соработка.
Премиерот Заев информираше и за успешното организирање како заеднички домаќини на Лидерскиот самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес во Софија на кој беа донесени значајни одлуки и декларации од посебна корист за регионалната соработка и за економски развој на земјите од регионот согласно плановите и агендата на ЕУ.
Претседателот на Владата ја информираше претседателката на ЕК фон дер Лајен и за ситуацијата со КОВИД-19 во земјата и се заблагодари за поддршката на ЕУ во справувањето со пандемијата.
Comments are closed for this post.