Собранието на Србија усвои измени и дополнувања на Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се воведуваат казнени мерки и му се даваат поголеми овластувања на министерот за здравство Златибор Лончар во борбата против коронавирусот, со можност за пропишување на задолжителна вакцинација.
Со измените и дополнувањата на законот се воведени казни за непочитување на епидемиолошките мерки – за неносење заштитни маски околу 40 евра за физички лица и од 400 до 2.550 евра за правни лица, а санитарната и комуналната инспекција и комуналната полиција ќе бидат одговорни за спроведување на казнените мерки.
Клучна личност кога станува збор за усвојување мерки во случај на пандемија ќе биде министерот Лончар, а измените и дополнувањата на законот значително ги проширија неговите овластувања. Тој може да забрани собири и да го ограничи движењето. Со измена на законот, на Лончар му беше дадено овластување да одлучува за вакцинацијата на населението.
Дефинирани се мерките за изолација кои бараат третман дома и ја ограничуваат слободата на движење на пациентите кај кои е утврдено присуство на никакви симптоми или знаци на заразна болест. Мерката ќе ја препишат специјалисти за инфективни и заразни болести или лекари од други специјализации во согласност со прописите на Министерството за здравство.
Слободата на движење истотака може да биде ограничена на здрави лица кои биле во контакт со заразени лица. Оваа мерка може да се примени и за патниците во меѓународниот сообраќај што влегуваат во Србија од земји со неповолна епидемиолошка состојба.
Најновиот пакет мерки го ограничува собирањето на повеќе од пет лица во затворено и надвор. Најголем фокус се уште е Белград, со 40 до 50 проценти од вкупниот број на новоинфицирани на дневна основа.
Comments are closed for this post.