Кривична пријава за работодавците кои ќе добијат субвенции за плати на работниците врз основа на лажна изјава за финансиската состојба на компанијата и за број на работници, како и глоби во висина од 500 до 10.000 евра за разни злоупотреби со овие пари добиени од државата, се предвидуваат со новиот Предлог на закон за реализирање на оваа мерка од четвртиот антикризен пакет.
Вакви одредби за санкционирање на работодавците се предвидуваат откако при претходната распределба субвенциите за плати дел од работодавците си ги задржаа за себе наместо да им ги поделат на работниците и речиси никој не одговараше за тоа, со исклучок на неколкумина кои ги гони јавното обвинителство, но подолго време без епилог.
Дека сега ќе оди полесно со кривичните пријави уверува вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Државата е овде да ги најде сите оние кои ги злоупотребуваат мерките и средствата, и да ги процесуира таквите пријави и да се казнат сторителите. Правевме три различни филтри кои ниту еден стопанственик нема да го поттикнат да ги злоупотребува мерките. Ако не ги искористи парите наменски тој да ги врати, ако не ќе има прекршочна пријава, потоа и кривична, појасни тој.
Во Предлогот на законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, кој е на дневен ред на актуелната седница на Собранието една од предвидените санкции е примена на одредбите од Кривичниот законик за работодавачите кои ќе дадат лажна изјава за тоа дека ги исполниле условите за добивање на оваа помош.
Исто така, предвидени се глоби од 500 до 1.000 евра за микро, од 500 до 2.000 евра за малите, од 1.000 до 6.000 евра за средните и од 1.000 до 10.000 евра за големите компании ако исплатат пониска плата од примената финансиска поддршка и ако не ги вратат добиените пари заедно со камата за јавни давачки, кога ќе се утврди дека не исполниле услови за добивање на парите. За овие прекршоци глобите за одговорното лице во правното лице се од 100 до 500 евра, за за физичките лица се движат од 100 до 250 евра.
Предвидено е прекршочната постапка да ја води и санкцијата да ја изрекува надлежниот суд.
Овој закон треба да се донесе по скратена постапка, а е на дневен ред веднаш по ребалансот на буџетот за кој расправата според собранискиот Деловник требаше да заврши вчера. Но, постои голема итност од донесување на овој закон, зашто во него има и рок за аплицирање за мерката, кој истекува за три дена, на 7 овој месец. Од друга страна, пак, во предлогот на законот стои дека подзаконските акти треба да се изготват во рок од 10 дена.
Имајќи го предвид фактот дека законот се уште не е донесен, како и краткиот рок за поднесување на барањето за финансиска поддршка за исплата на платите на работниците, работодавачите кои имаат можност за исплата на платата, може истото да го сторат веднаш, а по донесувањето на законот ќе имаат можност да го поднесат барањето и да направат корекција на МПИН образецот за користење на финансиска поддршка за исплата на платите, информираа вчера од УЈП.
Оваа мерка со која ќе се поддржат 83.000 работни места преку субвенционирање на вкупно 250.000 плати за октомври, ноември и декември, тежи 70 милиони евра. Финансиската поддршка е скалеста и се движи од 14.500 до 21.776 денари по работник.
Comments are closed for this post.