Договорени се кадровските решенија за местата каде Владата именува раководни позиции. За некои од местата, пак каде мандатите се истечени ќе бидат објавени конкурси за избор.
Според Фактор.мк. можно е уште на денешната владина седница да се расправа и да се гласа за избор на дел од третиот ешалон на извршната власт – договорен меѓу коалиционите партнери. Сепак не е уште потврдено официјално дали точката ќе биде на дневен ред или ќе биде помесетена поради новите предлог мерки од Комисијата за заразни болести.
Премиерот Зоран Заев при крајот на минатиот месец изјави дека до 20 октомври односно до денеска очекува да биде завршена процедурата за одлучување за раководните лица во институциите. Денеска е закажана владина седница, но нема многу детали за дневниот ред.
Еден дел од инстититуциите кои се во надлежност на Владата, ќе се именуваат од Владата. Дел од институциите ќе одат на конкурси, заради тоа што за нив одлучуваат управни или надзорни одбори. Има директори кои ги именуваат во посебни постапки самите министри – на пример раководители на клиники во здравството, дирекции кои се директно под самите министерства. Нашиот план е некаде на почетокот на октомври да почне целата таа постапка со желба до 15-20 октомври да заврши, рече Заев на крајот на септември.
Неодамна вицепремиерот за спречување корупција, одржлив развој и за човечки ресурси Љупчо Николовски изјави дека сите што ќе конкурираат за директори на јавни и државни претпријатија, како и за функции што ги именува Владата, во иднина ќе мора да поднесат план и програма за работа за да влезат во комбинација за избор на функцијата. Тој рече дека овој принцип ќе важи од овој момент, односно од сите следни именувања на функции.
Comments are closed for this post.