„Во име на Бога, не не ослободувајте повеќе. Не ослободивте од се што имавме. Ако некој пак почне да не ослободува, ние ќе бидеме првите, што ќе се побуниме против него“.

Ова се зборови на еден македонски селанец, изнесени пред бугарскиот амбасадор во Белград, Коста Тодоров, уште во 1920 година. Останале забележани во книгата на амбасадорот насловена како „Македонската организација вчера и денес“ (1928 година, стр.481), а пренесени во книгата на Димитрис Ливаниос со наслов „Македонското прашање-В.Британија и Јужен Балкан 1939-1949“ (стр.24).

Ете такво било расположението на обичните македонски селани спрема ослободувањето од страна на Бугарија и Бугарите на Македонија во втората деценија на минатиот век. А, слично, ако не и исто, било и во Втората светска војна. Зашто, бугарската администрација и војска за четири години направиле повеќе зулуми, отколку што направила српската власт за време од малку повеќе од две децении. Се разбира, со сите негативни последици, што ги носи секоја нова окупациска војска, жандармерија и администрација, па биле тие да се и српски.

И сега, Бугарија и актуелната власт се обидуваат одново да не „ослободат“, овојпат од историските „измислици“, што ете, останале запишани и на хартија, и ни велат или ќе бидете Бугари до 1944 година, а потоа новокомпонирана политичка нација или нема Европска Унија. Или ќе немате македонски јазик или нема да можете да припарите до Брисел.

Доктрината на великобугарската шовинистичка историска „вистина“ и „наука“ се стари колку и сонот за Сан-Стефанска Бугарија. Но, модерниот приод во нивната реализација се должи на долгогодишниот лидер на комунистичката партија на Бугараија, Тодор Живков. Како што е забележано во третиот том од изданието „Архив на Јосип Броз Тито-Документи за Македонија (1970-1980)“, што го подготви проф. Новица Велјановски во издание на Државниот архив на Македонија, тој почнал „срамежливо“ од априлскиот пленум на БКП 1956, а добил „право на легалност“ со „Тезите за патриотско воспитување“ на Живков, од ноември 1967, потоа „научната фундираност“ во „Информацијата за македонското прашање“, прославата на 90-годишнината од Сан-стефанска Бугарија и најпосле со новиот „стимуланс“ во второто писмо на Т.Живков до Тито од јуни 1970 година (стр.84).

Во истата книга документи (стр.381), во Информација за бугарско-југословенските односи, уште е наведено дека Тодор Живков, односно „бугарската страна е подготвена да изјави дека ја признава македонската нација, без временско определување на нејзиното постоење“.

Иронијата на судбината сака токму ученикот на Тодор Живков, актуелниот бугарски премиер Бојко Борисов, да се покаже поголем од својот учител или да биде поголем папа од папата. А, дека Борисов бил благонадежен уште како млад, покажува и документот на бугарските служби до кој дојде „Пресинг ТВ“  во кој, меѓу другото, се вели дека Борисов може „да биде регистриран…како информатор со перспектива за регистрација во повисоките категории на специјалната служба, за што има квалитети“.

И така благонадежниот Борисов, од обичен пожарникар, телохранител и одличен познавач на боречките вештини ќе се вивне во политичката орбита на Бугарија. Ќе стане прво кмет на Софија, потоа државен секретар во бугарското МВР, па трипати премиер. А, според моментните анкети, што се објавуваат во бугарските медиуми, доколку сега би се одржале претседателски избори, тој има повисок рејтинг од актуелниот претседател на државата Румен Радев.

За жал, постоењето на Македонците, на македонската историја, на македонскиот јазик, на македонското достоинство, на македонската иднина во Европската Унија сега зависи од расположението на Бојко Борисов, пријател и брат на нашиот старо-нов премиер Зоран Заев. Сакајќи или не сакајќи, случајно или не, токму во моменти кога неговиот трет премиерски мандат виси на конец, Македонија и Македонците политички го воскреснуваат и уште од него треба да прават херој!?